Полициската управа на Викторија денеска потврди дека 34 полицајци и девет чувари не го испочитувале налогот за вакцинација издаден од надлежните органи. Тие се суспендирани и им се заканува последователна дисциплинска мерка, односно можат да добијат отказ
Во австралиската држава Викторија почна да се применува суспензија од работа за оние полициски службеници кои одбиваат да се имунизираат против ковид.
Повеќе од 40 припадници на полицијата досега се суспендирани, а им се заканува и можност за отпуштање од работа.
Имено, во таа земја е воведена задолжителна вакцинација за многу државни и приватни дејности. Само оние вработени кои не можат да се имунизираат поради здравствени проблеми се изземени од оваа одредба.
Полициската управа на Викторија денеска потврди дека 34 полицајци и девет чувари не го испочитувале налогот за вакцинација издаден од надлежните органи. Тие се суспендирани и им се заканува последователна дисциплинска мерка, односно можат да добијат отказ.
Во Викторија денеска се потврдени 1 903 нови случаи на коронавирус, а уште седум лица починаа како последица на инфекција со ковид-19. Речиси 90 отсто од населението во оваа држава на возраст над 16 години примиле прва доза на вакцината.
Во пошироката област на Мелбурн на сила е шестиот карантин кој треба да заврши в четврток на полноќ. Одлуката за укинување на карантинот е донесена бидејќи 70 отсто од граѓаните се целосно вакцинирани.
Од петок, на домаќинствата ќе им биде дозволено собирање до 10 лица, полицискиот час ќе се укине и нема да има ограничувања за движење во градското подрачје. Ќе се отворат и кафулиња и ресторани, со дозвола до 20 вакцинирани гости да останат во затворените делови на угостителските објекти.