Заменик-министерката рече дека сите органи што се избрани од страна на Собранието, вклучувајќи го и Судскиот совет, во дејствувањето имаат свој легитимитет, интегритет и можат да дејствуваат

Ставови и одлуки на судовите нема да коментирам бидејќи тоа е мешање на извршната во судската власт, вели заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ во врска со изјавата за притисоци на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, и постапувањето на Судскиот совет.
Аврамовска-Мадиќ денеска, пред седницата на работната група за спроведување реформи во изборното законодавство, беше прашана дали актуелниот судски совет има кредибилитет да истражува и да се распрашува за политички притисоци, последно кај претседателката на Врховниот суд. Заменик-министерката рече дека сите органи што се избрани од страна на Собранието, вклучувајќи го и Судскиот совет, во дејствувањето имаат свој легитимитет, интегритет и можат да дејствуваат.
„Гледаме дека во изминатите месеци Судскиот совет делува, носи одлуки едногласно, се придвижуваат процесите“,
дополни таа.
Минатата недела, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во интервју за порталот „СДК.мк“ („Сакам да кажам“) рече дека вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност.
Ваквиот став Адеми го посочува говорејќи во контекст на прашањето за иницијативата за донесување на начелно правно мислење и начелен став за аболициите дадени од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, кои во јавноста беа протолкувани како обид за нивно оживување, со цел од кривичен прогон да се спасат обвинетите во случаите отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), меѓу кои и експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
По ова, вчера, претседателката Адеми беше поканета на работна средба во Судскиот совет, но таа преку писмо испратено до јавноста нагласи дека нема да отиде на средбата поради претходно закажан настан.
Претседателката на Врховниот суд, во писмото, истакнува дека за политичките влијанија и притисоци во судството не се говори само во медиумските написи, туку и во релевантните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството и дека констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни.
Таа потсетува дека преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или, пак, притисоци од другите власти, укажале и судии, вклучително и судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, па дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет.
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, вчера изјави дека Советот функционира и работи за да ги штити судиите и од тие причини и мотиви, како што кажа, нивна должност е и барале да имаат средба и да разговараат со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
„Стоиме на располагање за кој било судија, дали од Врховен или друг суд, да ја отвориме таа дискусија и да се ставиме во функција на заштита на судиите“,
изјави Георгиев.