Истражувачкото новинарство е клучно во остварувањето на улогата на медиумите поради што новинарите не смеат да бидат навредувани и јавно дискредитирани при отворањето и анализирањето прашања кои се од висок интерес, велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги преку соопштение најостро ги осудува изнесените навреди и дисквалификации од страна на компанијата „Брако” упатени кон новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во врска со документарниот филм „Убиство во Тетово“. Оттаму велат дека истражувачкото новинарство е клучно во остварувањето на улогата на медиумите и затоа новинарите не смеат да бидат навредувани и јавно дискредитирани, туку напротив, да бидат поттикнувани и охрабрувани во вршењето на својата работа.
„Доколку некоја засегната страна смета дека објавените информации не се точни или дека не се целосни, треба да го искористи законски загарантираното право на одговор и исправка, односно демант. Воедно, за евентуалното непочитување на принципите и стандардите утврдени во новинарските кодекси можат да се искористат механизмите кои ги имаат воспоставено саморегулаторните тела”,
велат од АВМУ.
Вчера со реакција се јавија и медумските здруженија во земјава кои порачаа дека авторот (,,Брако” н.з) наместо да ѝ образложи на јавноста и да демантира поединечни тези од емисијата на ИРЛ и да им даде одговори за сериозните обвинувања, прави обид за цензура.
Здруженијата велат дека според тонот на соопштението, очигледно е дека целта е јавна дискредитација на критичките новинари и создавање култура на страв при спомнување економски моќни компании, а како таков го посочија делот во кој од ,,Брако” велат:
,,…монструозни идеи на групата ИРЛ, која со последната лажна конструкција покажа дека е срам за луѓето кои професионално работат во новинарството и дека недвосмислено станува канцер за здравото економско ткиво на државата”.
Ваквиот начин на комуникација, велат здруженијата, недвосмислено претставува притисок кон истражувачкото новинарство и обид за обесхрабрување на сите новинари и медиуми да се интересираат и да истражуваат теми кои се поврзани со корупцијата, владеењето на правото и злоупотребата на позицијата на моќ.
,,Потсетуваме дека изминатава недела имаше неколку реакции (меѓу кои и од Јавното обвинителство) кои се однесуваа на споменатата истражувачка сторија, и сите, наместо укажување или демантирање на објавените информации, изобилуваа со дискредитации и навреди што е недозволива јавна комуникација”,
се вели во заедничкото соопштение на новинарските здруженија.
Оттаму ги повикаа и медиумите да имаат општествена одговорност, да работат во интерес на јавноста и граѓаните, и да не подлегнуваат на притисоците што економски моќници ги вршат врз сопствениците на медиумите.
За сево ова, за притисоците врз истражувачките новинари, за обидите за креирање атмосфера на страв и недоверба кон медиумите, еснафските здруженија од Македонија ќе ги информираат и партнерските здруженија, Меѓународната и Европската федерација на новинари.
Претходно, и од ИРЛ во својата реакција рекоа дека „БРАКО“ преку соопштението навредува, клевети и шири омраза кон нивните новинари.
„Соопштението е пренесувано во целост од повеќе медиуми, без никаков критички осврт и запазување на стандардите. Дел од овие медиуми имаат комерцијален интерес со посочената компанија која има огромна економска моќ, а со тоа и влијание во медиумите. Нападите кон ИРЛ доаѓаат и во форма на платена дистрибуција од страна на ‘БРАКО’ и на авторски текстови објавени на медиуми во коишто се рекламира компанијата”,
се вели во реакцијата на ИРЛ.