Авиокомпаниите предупредуваат дека поради пад на патувањата, 25 милиони работни места низ целиот свет се загрозени, а Меѓународната асоцијација за авиосообраќај (ИАТА) повика на итна помош од владите бидејќи авиопревозниците немаат пари.
Глобалниот воздушен сообраќај опадна за 70 проценти на почетокот на вториот квартал, соопшти ИАТА, при што европските летови паднаа за 90 проценти.
Извршниот директор на ИАТА, Александер де Жуниак, рече дека авиокомпаниите ширум светот не можат да ги враќаат парите за откажаните летови поради ситуацијата и дека превозниците наместо тоа издаваат ваучери бидејќи на тој начин заштедуваат пари за да опстанат.
„Најважната работа за нас е да избегнеме да останеме без готовина, така што враќањето на билетите за откажаните билети е речиси финансиски неизводливо“,
рече Де Жуниак.
Организациите за заштита на потрошувачите ги критикуваа авиокомпаниите за кршење на регулативите поврзани со враќање пари на клиенти кои купиле билети во дефинирани рокови.
ИАТА, исто така, рече дека една третина од вработените во воздушниот сообраќај се или на принуден одмор или дека се отпуштени.