Американската команда за воздушна мобилност денеска на Твитер објави дека жената се породила во транспортниот авион Ц-17 и на свет донела девојче
Американскиот воен авион евакуираше авганистански цивили од Кабул преку Катар до воздухопловната база Рамштајн во Германија
Жена од Авганистан се породи вчера во американски воен авион кој евакуираше авганистански цивили од Кабул преку Катар до воздухопловната база Рамштајн во Германија, објавија американските воздухопловни сили на социјалните мрежи.
Американската команда за воздушна мобилност денеска на Твитер објави дека жената се породила во транспортен авион Ц-17 и на свет донела девојче.

Според американските воздухопловни сили, висината од над 8 534 метри, поради малиот воздушен притисок во авионот, најверојатно, го поттикнала породувањето.
„Командантот на авионот одлучи да се симне на височина за да го зголеми воздушниот притисок во авионот, што помогна да се стабилизира и спаси животот на мајката“,
се вели во твитот објавен на официјалниот профил на Командата на американската воздушна мобилност.
По слетувањето во базата Рамштајн, мајката и бебето биле пренесени во блиска медицинска установа каде што се во добра состојба.

Воздушната база Рамштајн стана клучна транзитна точка за евакуираните лица од Авганистан. Конкретно, овој авион превезувал евакуирани од воздухопловната база во Катар во Германија за да се олабави ситуацијата во катарската база.
Во петокот летовите за евакуација на американската војска од главниот град на Авганистан беа запрени речиси осум часа, бидејќи просторот во американската воена база во Катар беше полн, соопштија официјалните лица. Базата во Рамштајн има капацитет за 5 000 луѓе, но во дополнителните објекти во изградба може да се сместат до 7 500 луѓе, каде би останале меѓу 48 и 72 часа, но не повеќе од 10 дена, како што предвидува американскиот договор со Германија.
Во петокот воздухопловните сили соопштија дека еден од нејзините летови Ц-17 од Авганистан поставил рекорд за бројот на луѓе што некогаш биле превезени во авионот.