Според него, Клиниката согласно законот не би смеела да набавува биолошка терапија над одобрениот буџет од страна на Фондот, но тоа сепак се случувало

Ирелевантно е дали ќе утврдите политичка одговорност на поединци ако граѓанинот кому му е потребна биолошката терапија не ја добие.
Ова го истакна главниот државен ревизор Максим Ацевски на денешната собраниска Комисија за финансирање и буџет, на која се дискутира за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје, одговарајќи на прашања поставени од пратениците.
Според него, Клиниката согласно законот не би смеела да набавува биолошка терапија над одобрениот буџет од страна на Фондот, но тоа сепак се случувало.
„Дали требало да знае министерот. Министерот не е ангел да знае сè, но неговите соработници требало да знаат“,
додаде ревизорот.
Вели дека тие како институција даваат препораки и заклучоци, а други треба да ги спроведат на дело.
„Но, во услови на детални правила на постапување и со можност на монополско одлучување на поединци, има сомнеж од злоупотреба на таквата терапија. Дали завршила во Косово, не е предмет на истражување на ревизорот бидејќи немаме алатки како да го утврдиме тоа. Имаме други надлежни органи кои треба да испитаат врз основа на медицинската документација како одредена историја на болести, дали завршила одредена биолошка терапија во Косово“,
изјави Ацевски.
Пратениците, сепак, и на денешната комисија не ја изоставиле политиката во препукувањата.
Пратеникот на СДСМ, Панчо Минов, истакна дека впечатокот е дека расправата се одвива на релација: претседател на комисијата – пратеници од опозицијата – позитивни квалификации на државниот ревизор, со една конструкција за одговорност на Владата, на Министерството за здравство, на Фондот за здравство.
„Сите ние овие констатирани неправилности и незаконитости крајно ги осудуваме и сите сме на иста линија по борбата за нивно надминување и потенцирам во повикувањето на одговорноста на секој што истите ги сторил и посебно што врз база на таа неправилност и незаконитост извршил и кривично дело. Државниот ревизор неколку пату укажува дека работата е од пред 20 години, листите на лекови не се ажурирани од 2015 година, во извештајот на државниот ревизор од 2012 и 2008 година има исти констатации дека се пречекоруваат буџетските средства и не се одобрени од фондот за здравствена заштита. Да не извлекуваме од оваа работа непотребни селекции, кој е одговорен, секој што е во рамките на овие неправилности и незаконитости, треба да биде одговорен, без разлика дали е од оваа влада или од претходната влада, од ова министерство или од претходно министерство“,
порача Минов.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата по Конечните извештаи на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје, здравствената институција за која Јавното обвинителство отвори предистражна постапка по наводите во јавноста за злоупотреби со терапии за пациенти.
Расправата во Комисијата почна минатата недела, кога извештајот го презентира главниот државен ревизор Максим Ацевски, кој посочи дека се констатирани низа пропусти кои се однесуваат на работењето на здравствената установа, кои директно влијаат и на услугите што ги дава на пациентите.
Државниот обвинител Љубомир Јовески, кој учествуваше на една од седниците на Комисијата, соопшти дека е можно во некоја од соседните земји да има вештачење за случајот.
За утре е закажана седница на Анкетната комисија што ја формираше Собранието со цел да се утврди евентуална политичка одговорност за случајот.
Досега пред Комисијата одговараа поранешниот министер за здравство Беким Сали и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.