Атиџе Муратова, ѕвездата од документарниот филм „Медена земја“, празничните денови за Бајрам ги поминува во Бекирлија заедно со пчелите и со кучето. За порталот ММС.мк Атиџе раскажува дека не се плаши од новонастанатата ситуацијата со новиот коронавирус, туку повеќе се плаши од лошите луѓе. Таа изминатиов период била мета на крадци, кои ѝ украле дел од пчелите.
„Не се плашам од коронавирусот, како рекол Господ така ќе биде, мене повеќе ме плашат лошите луѓе. Бев кратко во Дорфулија, го менувам кровот на куќата, но повеќе сум во Бекирлија. И кога се вратив имам што да видам, 20 нови трмки, кои требаше да се населат со пчели беа скршени, а две трмки постари полни со пчели ми украле“,
вели Атиџе.
Таа вели дека во Бекирлија е на чист воздух, сади лук, кромид и компир, нема многу луѓе кои ја посетуваат и затоа не стравува од вирусот, но ја загрижуваат пчелите.
„Годинава не знам како ќе биде, малку повеќе дува ветер, а кога дува не се ројат. Мене ме нервира лошото во луѓето, да живее некој за да му наштети на другиот. Ете тоа не можам да го разберам. Јас никому не сум му наштетила, ниту сакам. Јас не сум таков човек и затоа тоа не можам да го разберам кај другите луѓе“,
вели таа.
Како што раскажува за ММС.мк, годинава за големиот празник Бајрам била сама, но имала празнична трпеза како што доликува за празникот.
„Имав копани, купив нешто благо, сок и кафе. Баклава немав. Ќе правам догодина, за другиот Бајрам, кога ќе се преселам во другата куќа. Кога ќе помине корона па ќе се дружиме. Си посадив компир, лукче, кромитче, се е природно, ништо не ставам вештачко на нив. Сум забележала дека ми пречи на желудникот“,
раскажува Атиџе.
Таа за една година по излегувањето на премиерата на филмот „Медена земја“, успеа да освои симпатии низ целиот свет. „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубо Стефанов е еден од нашите најуспешни филмови и првпат во историјата на македонската кинематографија, со него добивме две номинации за Оскар.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Од Бекирлија до Холивуд – како се снимаше „Медена земја“
