Од Апелација додаваат дека спрема осомничениот А.Ј. се определени мерки на претпазливост, односно тој има обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, а привремено ќе му биде одземена постојната патна исправа и ќе има забрана за издавање на нова

Со гаранција од над два милиони евра, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, излегува од затворот во Шутка.
Откако на 22 април Основниот кривичен суд Скопје го одби како неоснован предлогот на сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски да му биде заменет притворот со гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, односно 986 191 евра, денеска од Апелацискиот суд преку соопштение објавено на нивниот портал информираа дека е уважена жалбата на осомничениот.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет KСЖ-406/25, на нејавна седница одржана на ден 06.05.2025 година, ја уважи жалбата на осомничениот А.Ј.“,
се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека решението на Основниот кривичен суд Скопје е преиначено на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. со прифаќање гаранција во износ од 986 540 евра, во денарска противвредност од 60 672 235 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72 000 000 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија.
Исто така, од Апелација додаваат дека спрема осомничениот А.Ј. се определени мерки на претпазливост, односно тој има обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, а привремено ќе му биде одземена постојната патна исправа и ќе има забрана за издавање на нова.
При одлучувањето за Јахоски, од судот велат дека го имале во предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.
„Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72 000 000 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривичноправен настан“,
се додава во соопштението.
Од Апелацискиот суд велат дека донесената одлука со образложените причини ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот согласно со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Претходно, Кривичен го одби предлогот на Јахоски да му биде заменет притворот со гаранција во недвижен имот со образложение оти судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на Јавниот обвинител, смета дека во овој момент се уште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор.
Од судот тогаш рекоа оти сметаат дека се уште постојат околности дека Јахоски може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците, како и дека може да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка се уште е во тек и се уште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази.