За сликата објавена во медиумите и од СДСМ, каде се гледа дека е на одмор во Монте Карло, Арсовски вели дека е од поодамна годинава
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се огласи на неговиот Фејсбук профил со демант, откако владејачката СДСМ на денешната прес конференција објави дека тој е на ексклузивен одмор во Монте Карло.
Арсовски тврди дека во моментов не е на одмор, туку дека е во Скопје и има работни обврски. За сликата објавена во медиумите и од СДСМ вели дека е од поодамна годинава.
„Имено, да, се работи за слика од поодамна годинава и бидејќи ги интересира моето патување таму, еве ќе им објаснам. Бев на приватно патување со семејството на гости кај најблиски роднини од потесното семејство на мојата сопруга (нејзин дедо, татко на нејзин родител) кои живеат во Франција и сакаа да си го видат правнукот (син ми), бидејќи се повозрасни и со ковид кризата и нивната возраст не го имаа видено откако се роди. Бидејќи живеат повеќе од 50 години во Франција и стекнале имот таму, летниот период си го поминуваат кај нив, секогаш изминативе 20 години, на местата кои ги споменуваат господава од власта дека сум ги посетил. Ако толку ги интересира, бидејќи на таа локација бев неколку денови и тоа на гости кај дедо на сопругата, морам да им потенцирам дека не потрошив повеќе, отколку еден просечен одмор на било кој функционер на власта и СДСМ“,
вели Арсовски.
Но, додава тој, слика од мене и сопругата во моментов на СДСМ им е поважна за да се дефокусира целата јавност од реалните проблеми, а тоа се историски најлошо менаџирање на власта, историски највисок степен на корупција, распродавање на национални интереси, штетен протокол со Бугарија, наместени тендери од прв до последен за провизии на луѓе блиски од СДСМ, најзадолжена држава во регионот, најнеуспешна Влада што постоела, историски најниска доверба во судството од 8%, покачувањето на даноците, инфлацијата и задолжувањето, илјадници починати заради лошо здравство, од кое се обогатија со провизии крвавите раце на СДСМ.
„Никогаш не сум имал намера да се објаснувам за ништо, но во моментов го правам тоа затоа што се работи за дефокус и лага дека сум во моментов таму на одмор и дека се работи за луксуз и бидејќи мислам дека јавноста заслужува да знае кај сум бил, иако не сум носител на никаква државна функција и никогаш не сум бил и иако ова што го пишувам, тие што ме познаваат го знаат уште од моментот кога сум во брак. Ако мојата посета кај роднини е потрагична од сѐ што се случува во државава, тоа е доволен показател дека власта дефокусира од реалните проблеми“,
додава Арсовски.