Уште во јули кога беше најавна можноста за вакцинација на децата од 12 до 16 години, министерот за здравство Венко Филипче истакна дека кај нас нема да биде задолжителна
Вакцинација на малолетните лица со вакцини против ковид-19 се прави исклучиво со задолжително присуство на родител или старател, истакна денеска портпаролот на Владата Душко Арсовски, одговарајќи на реакциите во јавноста откако вчера Владата одлучи да набави 500 000 вакцини „Фајзер“ од кои 10 000 се педијатриски, за деца од 5 до 12 години.
„Комитетот за имунизација ќе ги следи и понатаму сите препораки од СЗО и ќе се води од овие препораки како и досега. Значи, единствен услов за вакцинација на малолетните лица е задолжително да дојдат со родител или со старател и важно е граѓаните да знаат дека и со оваа одлука вакцини за ковид -19 ќе има во доволна количина, дека нема приоретизирање според возраста, хронични заболувања или критична структура“,
рече Арсовски, прашан дали има препорака од Комитетиот за имунизација за вакцинација на деца од пет до 12 годишна возраст.
Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за набавка на вакцини против КОВИД-19 за 2022 година, според која е утврдена потребата од набавка на 500 000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1 отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.
Согласно информацијата, дозите за возрасните треба да почнат да се испорачуваат од мај, а педијатриските дози во првото тромесечје на 2022 година, а вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година.
Уште во јули кога беше најавна можноста за вакцинација на децата од 12 до 16 години, министерот за здравство Венко Филипче истакна дека кај нас нема да биде задолжителна.
Европската агенција за лекови (ЕМА) минатиот месец одобри употреба на помала доза на вакцината „Фајзер“ за деца на возраст од 5 до 11 години.
Датумот на започнување на вакцинацијата на децата варира, но повеќето земји со процедурата ќе започнат ден или два по пристигнувањето на првите пратки вакцини.