Кандидатката ветува и модернизација на системот за изнајмување велосипеди, како и воспоставување ист систем и за електрични тротинети

Скопје ќе биде велоград, најавува кандидатката за градоначалничка на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, според која велосипедистите во Скопје секојдневно се соочуваат со проблеми на патеките.
„Велопатеки, кои во светот ги нарекуваат автопати за велосипед, ќе никнат од Бутел преку Чаир кон Центар, од Гази Баба до Центар, од Драчево преку Кисела Вода кон Центар, од Даме Груев кон Ѓорче Петров. Во Скопје не смее да има булевар без велосипедска патека и таква велосипедска мрежа мора да има и од приградските населби кон центарот на Скопје“,
рече Арсовска на прес-конференција.
Таа ветува дека ќе обезбеди нови паркинг-места за велосипеди, заштитени од кражби и оштетувања и тие ќе бидат под 24-часовен видеонадзор, а ќе го модернизира и системот за изнајмување.
„Со цел реализација на проектот Скопје – велоград, ќе биде спроведена модернизација на системот за изнајмување велосипеди, со современа апликација за само изнајмување во рамки на Скопје. Во исто време предвидено е градот да обезбеди 1 000 бесплатни електрични велосипеди што ќе бидат доделени на групи на граѓани со пониски примања и ќе биде зголемена финансиската поддршка на граѓаните за набавка на велосипеди, како и електрични тротинети“,
додаде Арсовска.
Покрај за велосипеди, вели таа, на ист начин ќе се воспостави и систем за изнајмување електрични тротинети.