Нејзиниот колега од Белград вели дека се надева оти по серија состаноци, многу брзо ќе започнат со работа на конкретни проекти
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска беше во службена посета на Белград, каде со тамошниот колега Александар Шапиќ, вели дека договорила конкретни проекти за соработка.
Во изјавата што ја пренесоа од нејзиниот кабинет, таа вели дека разговарале на повеќе теми, но не открива за какви проекти паднало договор.
„Договоривме конкретни проекти за кои верувам дека во следната година ќе имаме сериозна имплементација. Двата града работат интензивно на справување со предизвиците, но и на споделување на позитивните практики. На средбата се разговараше на повеќе теми, меѓу кои и преземање на искуства со цел подобрување на јавните услуги како и конкретни активности за кои се договори оформување работни тела со претставници на двата града. Заедно со градоначалникот Шапиќ, договоривме и конкретна соработка на проекти од заеднички интерес“,
вели Арсовска.
Градоначалникот на Белград, пак, добил покана за возвратна посета.
„Нашите два града се братски градови, и пред формалното збратимување во 2012 година. Наша обврска е да ги зајакнеме овие односи. Токму близината помеѓу нашите два народи треба да ни помогне да ја интензивираме нашата соработка“,
вели Шапиќ.
Ќе се трудиме, вели тој во изјавата објавена на неговиот Фејсбук профил, во наредниот период да имаме многу блиска соработка за граѓаните на Скопје и Белград да имаат бенефит од тоа.
„Се надевам дека по серија состаноци, многу брзо ќе започнеме со работа на конкретни проекти“,
вели Шапиќ.
Посетата на Арсовска е во година кога двата града одбележуваат 10-годишнина од договорот за партнерство.