Благодарна сум за довербата која ми беше укажана и јас сметам дека јас таа доверба нема да ја изневерам. Доколку некој сметал дека таа доверба треба да биде да одработувам за нечии лични интереси тоа нема да се случи, рече Арсовска зборувајќи за односот во ВМРО-ДПМНЕ
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во интервју за Канал 5 ТВ рече дека одамна нема контакти со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и тврдеше дека нема да дозволи какво било политичко влијание во Град Скопје.
„Ние немаме контакт одамна, оние контакти кои сме ги имале биле во насока да се реализираат оние програмски активности од програмата на Град Скопје. Јас како човек избран од скопјани нема да дозволам никакво политичко влијание во Град Скопје. Тоа сметам дека треба да се превенира да се случува во секое од овие јавни институции каде Градот е основач. Сметам дека сум должна кон сите граѓани, и кон тие што ме гласале и кон тие кои не ме гласале, ветив дека ќе бидам градоначалник на сите скопјани. Во секој случај благодарна сум за довербата која ми беше укажана и јас сметам дека јас таа доверба нема да ја изневерам. Доколку некој сметал дека таа доверба треба да биде да одработувам за нечии лични интереси тоа нема да се случи. Пред сè како човек од прв ден кажав дека ќе бидам против корупција, против тоа да има било какви политички влијанија и верувам дека на тоа ќе останам достојна до крајот на овој мандат“,
рече Арсовска.
Градоначалничката зборуваше и за тоа како понатаму ќе функционира Советот на Град Скопје, каде мнозинството е предводено од ВМРО-ДПМНЕ, партија со која таа сега во судир, при што истакна оти очекува сите советници да ги поддржуваат проектите кои значат подобар живот за скопјани.
„Тие проекти се на скопјани и очекувам дека сите советници ќе ги гласаат, досега за сите проекти кои беа доставени видовме случаи и на консензус односно проекти кои беа изгласани од сите советнички групи, нивната одговорност е пред граѓаните“,
рече Арсовска.
Градоначалничката посочи и дека нема контакти со СДСМ, но како што рече во рамки на Советот мерките и политиките во интерес на граѓаните секогаш биле поддржани од сите политички партии.
Отворениот судир помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ започна вчера кога од нејзиниот кабиет стигнаа информации дека генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, се разрешени од градоначалничката Арсовска, а во исто време стигнаа и соопштенија од опозициската партија дека тие си поднеле оставки.
Перински и Арсовска дури и лично се соочија на прес-конференција што ја свика ексдиректорот на „Водовод и канализација“, а на која влета скопската градоначалничка.
Денеска градските јавни претпријатија „Градски паркинг“ и „Дрисла“ останаа без директори откако досегашните Бојан Христовски и Јане Мицевски поднесоа неотповикливи оставки.
Христовски и Мицевски на своите Фејсбук-профили ги објавија оставките наведувајќи дека донеле ваква одлука поради немањето поддршка, координација и достапност од градоначалничката Данела Арсовска.
Таа, пак, на Фејсбук напиша дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.