На прашањето дали од неа може да се очекува вклучување во политичка партија, градоначалничката не одговори конкретно. Рече дека во овој момент е посветена на она што треба да го реализира во Градот Скопје, а доколку има поинакви одлуки, за тоа соодветно ќе информира. Прашана дали доколку настапи на парламентарните избори би му претставувала закана на Мицкоски, рече дека „штом тој се плаши, сигурно има зошто“
Скопската градоначалничка Данела Арсовска ниту ги потврди ниту ги демантира наводите во медиумите дека ќе се формира политичка партија.
Прашана да коментира наводна изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти нејзе и на експремиерот Никола Груевски им посакал среќа „што и да прават“, алудирајќи на политичката партија за која медиумите пишуваа дека ќе ја формира скопската градоначалничка, Арсовска рече дека ѝ е мило што Мицкоски се занимава со неа и на тој начин ѝ го подобрува рејтингот.

„Многу ми е мило што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се занимава со мене во изминатите две години и му посакувам да продолжи така, бидејќи сакајќи да си го подигне својот рејтинг, очигледно работи да го подобри и мојот“,
рече скопската градоначалничка.
На прашањето дали од неа може да се очекува вклучување во одредена политичка партија, градоначалничката не одговори конкретно. Рече дека во овој момент е посветена на она што треба да го реализира во Градот Скопје, а доколку има поинакви одлуки, за тоа соодветно ќе информира.
Прашана дали смета дека би му претставувала закана на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ доколку има амбиција да основа партија и одлучи да настапи на следните парламентарни избори, Арсовска одговори:
„Лично сметам дека штом се плаши, сигурно има зошто“.
Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираа на нејзината изјава.
„Арсовска е толку неспособна што и за формирање на партија, како што пренесоа медиумите, ѝ требаат по 600 денари за собирање на потписи. Јасно ни е зошто ОЈО молчи за тоа, исто како што ни е јасно каква употребна вредност гледа власта во нејзе. Наместо да ‘бистри’ политика, нека ги засука ракавите и нека реализира барем еден проект кој го ветуваше пред скопјани. Со секој поминат ден, сѐ повеќе таа ја оправдува одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за прекин и повлекување на поддршката која ја имаше. Сега таа припаѓа на политиките и криминалниот склоп на СДС, ДУИ и Левица“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Неделникот „Фокус“ неодамна објави дека скопската градоначалничка почнува да собира потписи за формирање политичка партија, а оти седиштето на партијата ќе биде на улица „Ѓорче Петров“ бр. 49 во Општина Ѓорче Петров.
Оваа адреса, како што додаваат од „Фокус“, според податоци од Централниот регистар, е на местото каде што се наоѓаат фирми на нејзиниот соработник Драган Митковски. Дел од медиумите објавија дека Митковски бил близок до поранешниот премиер и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
- Арсовска ќе формира партија на адреса на човек близок до Груевски, експремиерот демантира поврзаност
Груевски ги демантираше ваквите наводи, велејќи оти Митковски никогаш не му бил ниту формален ниту неформален советник. Вели дека нема никаква комуникација и поврзаност ниту со него ниту со Арсовска.
Во гостувањето во емисијата „Тешки муабети“ на порталот „Инфомакс“ во понеделникот, Арсовска беше прашана дали ќе формира партија со поранешниот експремиер Груевски.
„Може ќе правиме, може нема да правиме“,
одговори кратко Арсовска.