Драган Илиевски, инаку дипломиран машински инженер, беше именуван за в.д. директор на скопската зоолошка градина пред неполна година, откако Арсовска го разреши дотогашниот директор Кристијан Стаменов по информацијата дека во зоолошката биле убиени десет коњи чие месо се користело како храна за лавовите
Скопската градоначалничка Данела Арсовска незаконски го именувала Драган Илиевски за в.д. директор на Зоолошката градина во Скопје, утврди Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Илиевски, како што посочуваат од ДКСК, бил назначен на директорската позиција, иако не го исполнувал условот за истото, односно претходно не бил вработен во самиот објект.

Неправилноста, како што информираат од Антикорупциска, била утврдена при вонреден инспекциски надзор, по што инспекторот укажал за нејзино отстранување во предвидениот законски рок, со напомена дека за сторената повреда на членот 34 од Законот за култура не е определена ниту пропишана прекршочна санкција.
„Инспекторатот утврдил дека претходниот директор Кристијан Стаменов бил разрешен од функцијата, додека две недели подоцна е именуван Драган Илиевски. ДКСК констатира дека пријавата и документите ги содржат потребните акти со кои се утврдува наведената постапка, ваквото постапување на градоначалникот на Град Скопје упатува на преземени активности за именување на лице за вршител на должност на јавна установа спротивно на членот 34 став 1 од Законот за култура“,
појасни претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.
Ова, како што додаде првата антикорупционерка, претставува основ за сомневање за сторено кривично дело, а тоа е злоупотреба на службената положба и овластување.
Драган Илиевски, инаку дипломиран машински инженер, беше именуван за в.д. директор на скопската зоолошка градина пред неполна година, откако Арсовска го разреши дотогашниот директор Кристијан Стаменов по информацијата дека во зоолошката биле убиени десет коњи чие месо се користело како храна за лавовите.