Во изјава за ТВ Сител скопската градоначалничка одби да каже која фирма е ангажирана за овогодишното украсување и рече дека институциите ќе проверат сè во врска со набавката за која вели дека е спроведен јавен повик
По најавата дека Финансиската полиција во понеделник ќе влезе во Градот Скопје за да ја испита набавката за новогодишното украсување на главниот град, скопската градоначалничка Данела Арсовска вели дека институциите ќе проверат сè што е неопходно. Во изјава за ТВ Сител таа одби да каже која фирма е ангажирана за овогодишното украсување, но тврди дека за китењето кое чинело 30 илјади евра, бил распишан јавен повик.

„Повикани се јавните институции. Ќе си дојдат, ќе си проверат, тоа не го прави градоначалникот, туку го прави соодветна комисија во Градот Скопје. Доколку кој било смета дека 300 илјади евра е сумата која требало да се плаќа на компаниите, односно да си плаќа некој на својот кум за да го кити Градот, јас мислам дека институциите треба малку посериозно да се позанимаваат со сите овие работи кои се случуваат во општеството. Знам дека овие корумпирани политичари кои седат на фотелјите 30 години сигурно дека нема нешто што повеќе би сакале во светот, а тоа е да погрешам нешто некаде. Меѓутоа, јас не грешам“,
изјави Арсовска за ТВ Сител.
Откако во медиумите и во јавноста се наметна прашањето која фирма е задолжена за новогодишното украсување и дали воопшто бил распишан тендер, скопската градоначалничка вчера преку писмено соопштение објави дека украсувањето е финансирано преку јавен повик, кој бил објавен согласно актите и прописите.
