Милеj, слободарски економист кој ја основа партијата Либертад Аванза (Напредување на слободата) во 2021 година, ги изненади повеќето експерти и анкетари кога изби на врвот на изборната трка, победувајќи на прелиминарните избори со 30 отсто од гласовите

Аргетинците денеска излегуваат на претседателски избори на кои доминира гневот во текот на една деценија економски пад и рекордна инфлација, што го турна политичкиот аутсајдер Хавиер Милеj на првото место во трката. Некогаш една од најбогатите земји во светот, Аргентина стагнира во последните децении, не можејќи да избегне циклуси на фискални кризи придружени со долгови, лошо финансиско управување и инфлација која сега изнесува 140 отсто годишно.
Со оглед на тоа што 40 отсто од населението живее во сиромаштија, а средната класа е на колена, многу гласачи сакаат да го видат заминувањето на традиционалните партии кои ги гледаат како креатори на нивната мизерија.
„Тоа е целосна неизвесност – никогаш не знаеш дали ќе ти се зголеми киријата, (или) цените во супермаркетот. Тоа е лудо. Сакаме да се развиваме… но оваа генерација заостанува. Тажно е“,
коментира студентот Валентин Фигара (20).
„Анархо-капиталист“
Милеj, слободарски економист кој ја основа партијата Либертад Аванза (Напредување на слободата) во 2021 година, ги изненади повеќето експерти и анкетари кога изби на врвот на изборната трка, победувајќи на прелиминарните избори со 30 отсто од гласовите.
Самонаречениот „анархо-капиталист“, со разбушавена коса и лице на рок-ѕвезда, ги навлече гласачите со остроумни критики на телевизија и на социјалните мрежи, ветувајќи дека ќе ја „растури“ централната банка и ќе ја замени националната валута со долар.
Тој водеше кампања на ТикТок и Јутјуб и се појавуваше на митинзи во живо со моторна пила ветувајќи дека ќе ја намали јавната потрошувачка за 15 проценти. Студентот по политички науки Агустин Балети (22) вели дека ќе гласа за Милеj бидејќи минатите влади „ги оставаа младите без надеж“.
„Веќе сѐ е уништено. Милеj нема да уништи ништо“,
изјави тој.
Иако Милеj е на врвот на анкетите, тие во минатото не се покажаа како сигурни, а аналитичарите велат дека сѐ може да се случи меѓу првите три од петте кандидати.
Харизматичниот министер за економија Серџо Маса ја претставува владејачката перонистичка коалиција на левиот центар, популистичко движење кое се залага за државна интервенција и програми за благосостојба и доминира со аргентинската политика со децении, но стана длабоко непопуларен. Бидејќи беше на власт за време на неодамнешните економски проблеми во земјата, тој беше лесна цел за ривалите.
За да ги придобие гласачите, Маса почна да троши државни пари на кампањата, намалувајќи ги даноците на доход за мнозинството од населението, потег што аналитичарите велат дека само ќе ја влоши кревката финансиска состојба на земјата.
Друг силен противник е строгата Патриша Булрих, поранешна министерка за безбедност, која исто така вети радикална промена во однос на перонистите кои трошеа премногу и печатеа пари.
Прелиминарните резултати се очекуваат во недела навечер. За да победи во првиот круг, кандидатот треба да освои 45 отсто од гласовите или 40 отсто со разлика од 10 или повеќе поени во однос на најблискиот ривал, во спротивно ќе следи втор круг од изборите на 19 ноември.