Екипата на ТВ Телма денеска затекнала комбе на оваа компанија на локацијата на која утре треба да се одбележи почетокот на изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка”
„Арбериа дизајн“ е фирма која од Министерството за политички систем, со кое раководи Артан Груби, лани беше ангажирана за прославата на годишнината од Рамковниот договор, а годината претходно и за прославата на Денот на албанската азбука. Таа стана и еден од најголемите играчи во бизнисот со учебниците по воведувањето на програмата по Кембриџ во 2014 година. Во 2015 г. беше најголемиот поединечен донатор на ДУИ
Владата утре свечено ќе го означи стартот на изградбата на коридорите 8 и 10-д со поставување камен-темелник. Настанот ќе се одржи на првата наплатна рампа на автопатот Тетово-Гостивар, каде што веќе теренот е подготвен.
Поставена е метална конструкција од каде што најверојатно ќе се обратат владините претставници. Се чисти и теренот.
На местото каде што ќе се одржи настанот репортерката екипа на ТВ Телма денеска забележа и комбе на фирмата „Арбериа дизајн“. Од Владата не одговориле кои фирми се ангажирани за церемонијата и колку таа ќе чини.
„Го контактиравме претставникот (на ’Арбериа‘) дали е ангажиран за утрешната манифестација. Ниту негираше ниту потврди“,
пренесува телевизијата.
„Арбериа дизајн“ е фирмата од која се чекаат свидетелствата, а во јавноста беше актуелна и кога во август лани беше ангажирана за гламурозната прослава по повод годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, која среде економска и енергетска криза ја организира Министерството за политички систем и односи со заедниците на Артан Груби. За ангажманот за оваа прослава, како што пишувавме тогаш, „Арбериа дизајн“ на тендерот се јави со две понуди кои вкупно тежеа околу 80 000 евра.
Во ноември 2021 г., истата фирма ја доби набавката и за прославата на Денот на албанската азбука, уште еден настан во организација на Министерството на Груби.
„Арбериа дизајн“ во јавноста е позната и по тоа што изминатите години беше еден од двата најголеми играчи во издавањето учебници откако се воведе програмата по Кембриџ во 2014 година. На пример, во 2020 година, Министерството за образование и наука плати 5,5 милиони евра за откуп на учебници, а најголемиот дел од парите – 4,6 милиони евра завршија кај „Арс Ламина“ и кај „Арбериа дизајн“. Оваа фирма, како што имаме пишувано, од воведувањето на „Кембриџ“ на државата ѝ продала учебници во вредност од над 10 милиони евра.
Во 2015 година, „Арбериа дизајн“ беше и најголемиот поединечен донатор на ДУИ.
Инаку, додека комбето на оваа фирма денеска беше на терен на местото каде што утре ќе се постави камен-темелник за коридорите 8 и 10-д, настан кој владините претставници во неколку наврати го најавуваа, случајот со надзорот на автопатиштата е под лупа на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Делниците од коридорите 8 и 10-д ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Овој проект за владините претставници е историски бидејќи тежи 1,3 милијарда евра, а делниците од двата коридори треба да бидат завршени до 2027 година. Проектот опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат или по делници: Тетово – Гостивар над 17 км (33 месеци рок на реализација); Гостивар – Букојчани – 30,3 км (57 месеци рок на реализација); Требениште – Струга – Ќафасан 22 км (49 месеци рок на реализација); Прилеп – Битола 40 км (57 месеци рок на реализација).
Меѓутоа, она што е спорно е изборот на надзор. Тендерот за надзор го доби конзорциум од четири фирми, предводен од италијанската „ИРД инженеринг“. Дел од него се и шпанско-кинеската „Ептиса“, како и две домашни компании: „Електра солушн“ и „Евро консалтинг“.
По серијата новинарски истражувања во врска со фирмите што се дел од надзорот, ОЈО ГОКК на 28 март годинава соопшти дека оформило предмет по допрен глас.