Огромните пожари и екстремно високите температури го парализираат регионот, илјадници лица се евакуирани се бара помош од соседите и од меѓународната заедница
Огнените стихии во Грција, Турција и Албанија продолжуваат да беснеат предизвикувајќи катастрофални последици. Во Грција, само за 24 часа избија над 50 пожари, што ги принуди властите да ги евакуираат жителите од делови од Атина, вклучувајќи го и предградието Крионери. Огнот го зафати и островот Евиа каде што беа уништени стотици хектари шума и земјоделски површини, а силните ветрови и високи температури до 44 степени уште повеќе ги отежнуваат гаснењата.
Турција се соочи со рекордни 50,5 степени во провинцијата Ширнак и прогласи кризна состојба во погодените области Измир и Билеџик. Над 25 000 пожарникари и спасувачи се бореа со десетици огнени жаришта низ земјата, при што е загубен најмалку еден живот, на пожарникар кој починал од срцев удар.
Албанија, исто така, се соочува со сериозен пожар кај Делвина, каде што беа евакуирани повеќе од 2 000 жители и шест села. Тројца пожарникари се хоспитализирани, а според НАСА, пожарот зафатил повеќе од 7 000 хектари шумски површини.
Меѓународната заедница ја зголемува помошта со дополнителни противпожарни авиони, хеликоптери и екипи, но ситуацијата останува критична поради високите температури, сушата и силните ветрови, кои го поттикнуваат ширењето на огнената стихија.
Пожарите предизвикуваат големи штети и уништени се земјоделски култури, лозја, туристички капацитети и инфраструктура, а илјадници луѓе се во неможност да се вратат во своите домови.