Според Асоцијацијата на приредувачи на игри за среќа (АПИС), Владата со овие законски измени во суштина не сака да ги дистанцира од училиштата, туку целосно да ги затвори овие објекти иако, како што велат од Асоцијацијата, бизнисот со игри на среќа е целосно законски. Додаваат дека ако овој бизнис замре, тоа нема да доведе до ништо друго освен до тоа игрите на среќа да се играат на црно и без контрола од државата
Посочуваат дека затворањето на овој бизнис ќе засегне илјадници вработени, а во голема мера ќе го осакати и државниот буџет
Измените во Законот за игрите на среќа, кои беа усвоени на вчерашната владина седница, а предвидуваат обложувачниците да бидат оддалечени од училиштата на не помалку од 500 метри, според Асоцијацијата на приредувачи на игри за среќа (АПИС) се погрешни и ќе доведат до штетни последици, не само по вработените во овие објекти туку и по државниот буџет, кој, како што велат, со ваквата одлука годишно би се намалил за 280 милиони евра.
Според АПИС, Владата со овие законски измени во суштина не сака да ги дистанцира од училиштата, туку целосно да ги затвори овие објекти иако, како што велат од Асоцијацијата, бизнисот со игри на среќа е целосно законски. Додаваат дека ако овој бизнис замре, тоа нема да доведе до ништо друго освен до тоа игрите на среќа да се играат на црно и без контрола од државата.
„Ќе се затвори 100-процентно законски бизнис, што автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите од играње во диви играчници ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци“,
се вели во отвореното писмо на АПИС до Владата за измените на Законот за игри на среќа.
Од Асоцијацијата додаваат оти е апсурдно Владата да не ги следи актуелните процеси во Европа во поглед на законските регулативи за игрите на среќа.
„На 29 јануари 72 отсто од жителите на Лихтенштајн на референдум со гласање ‘против’ ја отфрлија иницијативата за затворање на казината во кнежевството. Еве, не треба да се гледа дури до Лихтенштајн, доволно е Владата да погледне во соседството. Во октомври лани албанската Влада соопшти дека после четиригодишната забрана ги враќа игрите на среќа. Образложението на нивниот премиер Еди Рама е дека после забраната, игрите на среќа во Албанија почнале да се одвиваат на црно и дека повторното отворање на индустријата значително ќе ѝ се помогне на албанската економија. И во Грција беа забранети игрите на среќа. Кога грчките власти видоа дека меѓу три до пет илјади Грци само во еден ден играат во Гевгелија, во 2018 година поставија 36 илјади апарати за игри на среќа за да спречат одлив на финансиски средства надвор од државата. Процесите во Албанија, Лихтенштајн и Грција ги рушат аргументите на критичарите на игрите на среќа во Северна Македонија“,
велат од Асоцијацијата.
Од АПИС нагласуваат дека тие не се против измени во Законот за игри на среќа, туку се противат на нелогични, погрешни, популистички и политички мотивирани законски измени. Со ваквите погрешни одлуки кои ќе предизвикаат штетни последици, додаваат оттаму, Владата треба да се соочи уште сега.
„Апелираме до сите пратеници, без разлика на нивната политичката и етничка припадност, пред да се изјаснуваат за предложените измени да си го постават следното прашање – зошто Северна Македонија која тежнее да стане дел од ЕУ би била исклучок од европските земји и западните цивилизации каде има организирани и легални игри на среќа? Не потпаѓајте под влијание на црната кампања на оние критичари на игрите на среќа кои никогаш не кажаа зад чии бизнис интереси се кријат“,
додаваат од АПИС.
Посочија дека ќе се борат до крај против неправдата што им е нанесена, а најавија и масовни протести.
Ваквата реакција на Асоцијацијата на приредувачи на игри за среќа (АПИС) следува откако Владата на вчерашната седница го утврди предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во кој се предвидува просториите во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри.
Меѓу целите на предложените измени, од Владата посочуваат и на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа. Со предлог-законот се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.