„Ви благодарам колеги на убавите зборови. Не сум изненаден, но ми годат убавите зборови. Ви благодарам на довербата што ја искажувате кон мене и ако помине овој избор верувам дека ќе ја исполнам таа доверба што сите ми ја давате“, рече Камбовски пред едногласно да биде избран
Освен Камбовски, немаше други предлози за највисоката функција во Судскиот совет. Целата постапка заврши релативно брзо, за помалку од половина час
Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија. Тој на функцијата, која ќе ја извршува во следните две години, беше избран едногласно на денешната 510. седница на Советот, прва во новата 2025 година.

Поддршка за изборот, Камбовски доби од сите 13 члена на Судскиот совет со право на гласа.
Предлогот тој да биде новиот претседател на Судскиот совет дојде од членот на Советот Исамедин Лимани.
Освен Камбовски, немаше други предлози за највисоката функција во Судскиот совет. Целата постапка заврши релативно брзо, за помалку од половина час.
Во образложението на предлогот, Лимани рече дека Камбовски поседува интегритет и кредибилитет да ја извршува оваа функција и да се бори за непристрасно и независно судство. Наведе дека неговиот кандидат за претседател доаѓа од Апелацискиот суд во Битола, каде што пред да стане член на Судскиот совет ја извршуваше функцијата в.д. претседател. Посочи и дека Камбовски е избрана за судија од втората генерација завршени слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители.
„Еве, дојде време кандидат од Академијата да биде мојот предлог и ако го добие потребното мнозинство, тоа ќе значи дека лека полека кандидатите што се од Академијата ќе бидат носители на раководните позиции во правосудството. Затоа мислам дека Александар Камбовски има интегритет и кредибилитет да се бори за повеќе финансиска независност на судовите, бидејќи тие се оние што ја вршат судската власт, а Судскиот совет треба да им обезбеди услови за тоа. Камбовски има кредибилитет и интегритет да помогне во создавањето услови што побргу судиите да можат понепристрасно и понезависно да го применуваат правото, а судовите да бидат понезависни“,
рече Лимани.
Земајќи збор, неговиот предлог „гласно“ го поддржаа членовите на Судскиот совет Антоанета Димовска, Ивица Николовски, Тања Чачарова-Илиевска и доскорешната претседателка на ова тело, Весна Дамева.
„Јас колегата Камбовски го познавам од Судскиот совет. Немам ништо против да биде кандидиран. Тој е од Академијата. За мене претседателот е еден од еднаквите и неговиот глас е како мојот. Ќе му го дадам мојот глас, сметам дека треба да го добие, а тој треба да го оправда. Колега Камбовски ќе го имате мојот глас“,
рече Димовска.

Членот на Судскиот совет Ивица Николовски во својата дискусија кажа дека со задоволство ќе го поддржи предлогот Камбовски да биде претседател на Советот бидејќи, како што кажа, изминатиот период имал можност преку заедничкото дејствување да се запознае со него и да се увери во неговите квалитети.
„Очекувам дека заеднички ќе одиме во една позитивна насока, на зацврстување, подигање на довербата на граѓаните во судството, но не со зборови туку со дела“,
рече Николовски.
Тој упати порака и до извршната власт, повикувајќи ја да седнат на заедничка маса и да разговараат за проблемите со кои се соочува судството во државата.
„Би ја повикал извршната власт, да седнеме, да разговараме и да видиме кои се проблемите во судството. Лесно е да се каже дојдете во Струмица за половина час, тоа може со авион, но без авион не може. Сите знаеме кои се проблемите, но сите треба да дадеме еден заеднички придонес за нивно решавање“,
кажа Николовски.
Неговата колешка Тања Чачарова-Иливеска рече дека очекува, доколку биде избран, да покаже поголема ангажираност во зацврстување на позицијата на Судскиот совет и реализирање на заедничките заложби за зачувување на самостојноста и угледот на судството и враќање на довербата од граѓаните.
Доскорешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, кажа дека својот глас за Камбовски ќе го даде од две причини – неговиот интегритет и посветеноста во имплементацијата на препораките на Оценската мисија на Европската Унија.
„И да не беше денешниот предлог од страна на Исамедин Лимани, јас би го предложила. Најголемата тежина е на страна на интегритетот. Другата причина е што во овој краток временски период јас видов исклучителна поддршка од негова страна во сите активности на Советот во смисла на имплементација на препораките на Оценската мисија на ЕУ. Токму оваа втората ми е особено важна затоа што верувам дека со изборот на Камбовски за претседател тие активности ќе продолжат“,
рече Дамева.
По дискусијата на Дамева, збор му беше даден на нејзиниот колега Камбовски кој рече:
„Ви благодарам колеги на убавите зборови. Не сум изненаден, но ми годат убавите зборови. Ви благодарам на довербата што ја искажувате кон мене и ако помине овој избор верувам дека ќе ја исполнам таа доверба што сите ми ја давате“.
Откако едногласно беше изгласан предлогот, заменик-претседателот на Советот, Ханиф Зендели, кој претседаваше со седницата, го констатира изборот на Камбовски и го покани да седне на претседателското столче.

Инаку, на денешната седница не присуствуваа претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми и министерот за правда Игор Филков, кои се членови на Советот по функција и немаат право на глас. Адеми, како што соопшти Зендели на почетокот на седницата, отсуството го оправдала со неодложни обврски.
Судијата Александар Камбовски за член на Судскиот совет беше избран во јуни минатата година, заедно со неговиот колега Исамедин Лимани, кој денеска и го предложи за претседателот на Советот.

Изборот на нов претседател доаѓа точно еден месец откако претходниот, Весна Дамева, на 2 декември си поднесе неотповиклива оставка на функцијата, но стана да биде член на Советот. Во образложението на оставката Дамева тогаш наведе дека во последниот период од страна на одредени политичари се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. Во оваа смисла, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.