Одлуката Апелација ја донела на 11 јуни, истиот ден откако во Судот се одржа јавна седница на која беа присутни Јованов и неговиот бранител Панче Нефтенов, што при претходното постапување на второстепениот суд не беше сторено и беше причина Врховниот суд да го врати предметот на повторно одлучување
Апелацискиот суд Скопје повторно го осуди Васил Јованов на три години и десет месеци затвор за кривичното дело поседување и продажба на дрога откако Врховниот суд во мај годинава поради процесен пропуст ја укина претходната второстепена пресуда и го врати предметот на повторно одлучување.

Скопска Апелација повторно одлучуваше за санкцијата на Јованов за делото што го сторил неколку месеци пред да ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачки премин во Скопје бидејќи Врховниот суд утврди дека претходната била донесена без второстепениот суд да ги извести обвинетиот и неговиот адвокат дека ќе се одржи седница на која ќе се разгледуваат жалбите на одбраната и Обвинителството на првостепената пресуда на Основниот кривичен суд за ова дело.
Поради ова, на 11 јуни Кривичниот совет на Апелацискиот суд одржа јавна седница на која беа присутни Јованов и неговиот бранител Панче Нефтенов, а според соопштението на Судот, истиот ден била донесена и одлуката со која младиот скопјанец по втор пат е осуден на три години десет месеци затвор за трговија со дрога.
„Решението на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година, го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка – упатување во воспитно-поправен дом на начин што за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 1-една година и за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3-три години и согласно член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на единствена казна затвор во траење од 3– три години и 10-десет месеци“,
се наведува во соопштението на скопската Апелација објавено денеска на веб-страницата на Судот.
За потсетување, Основниот кривичен суд Скопје лани во јули го осуди Васил Јованов за продажба на марихуана и кокаин изрекувајќи му заводска мерка во воспитно поправен дом, а поради ваквата пресуда нему му беше укината мерката притвор со која беше обезбедено неговото присуство додека траеше постапката за ова дело.
Одбраната на младиот Јованов и Обвинителството се жалеа на првостепената пресуда, а одлуката на скопска Апелација стигна на 7 февруари кога второстепениот суд соопшти дека ја преиначил санкцијата од упатување во поправен дом во ефективен затвор од три години десет месеци.
Инаку, додека траеше жалбената постапка во Апелација, името на Васил Јованов, како и пресудата на Кривичен, станаа актуелни во јавноста откако тој доцна вечерта на 29 јануари смртно ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачки премин, возејќи под дејство на алкохол, без возачка дозвола и со брзина поголема од дозволената.
Во меѓувреме Јованов преку адвокат поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Апелација, по што во мај Врховниот суд ја укина пресудата на второстепениот суд поради процесниот пропуст.
Но, и по повторното одлучување на 11 јуни Апелацискиот суд одлучил на Јованов да му ја изрече истата кривична санкција од три години десет месеци ефективен затвор.

Нешто помалку од еден месец претходно, односно на 13 мај Основниот кривичен суд Скопје го прогласи Васил Јованов за виновен за прегазувањето на Фросина Кулакова и му одреди затворска казна од 12 години затвор. Одбраната на Јованов веднаш најави жалба на пресудата сметајќи дека судот донел драконска казна, а од Обвинителството најавија дека дополнително ќе се произнесат.
Апелацискиот суд засега не одлучувал по жалби во врска со првостепената пресуда против Васил Јованов за прегазувањето на Фросина Кулакова.