Апелацискиот суд Скопје ги уважи жалбите и ја укина првостепената пресуда за организаторите на настаните на 27 април од 26.07.2021 година и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје
Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда со која на вкупно 25 години затвор беа осудени поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, во случајот за организаторите на настаните од 27 април.
Апелацискиот суд Скопје ги уважи жалбите и ја укина првостепената пресуда за организаторите на случувањата од 27 април од 26.07.2021 година и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-121/21, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Т. В., С. Р., М. Ј. и В. А. и ја укина првостепената пресуда КОК.бр.2/20 од 26.07.2021 година и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје, Специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција“,
се вели во соопштението од Апелација.
Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во оваа фаза на постапката, Апелацискиот суд одлучи дека е беспредметна.
Од Апелација нагласуваат дека мерките за претпазливост спрема обвинетите Т. В. и В. А. остануваат во сила.
„Поради големиот интерес и транспарентност во работењето, судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда, оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик“,
посочуваат од Апелација.
Ова, како што се вели во соопштението од Апелациониот суд, е од причина што првостепениот суд врз основа на расположливиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување.
„При утврдување на фактичката состојба првостепениот суд не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата, во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“,
се додава во соопштението.
Првостепениот суд, велат од Апелација, сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.
„Првостепениот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик. Ова, од причини што при постапувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија (‘Сл. весник на РМ’ бр.233/2018), кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор“,
се вели во соопштението од Апелација.
Вака донесената одлука, посочуваат од Апелација, ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Основниот кривичен суд Скопје на 26 јули 2021 година им изрече вкупно 25 години затвор на четворицата обвинети за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“, и тоа 6 и пол години казна затвор за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, 6 години и три месеци казна затвор за ексминистерот за образование Спиро Ристовски и 6 години и три месеци казна затвор за министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, додека на ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, шест години казна затвор.
На почетокот на февруари годинава пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе предлог-закон за целосна амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година. Законот, како што посочија од ВМРО-ДПМНЕ, е резултат на иницијативата и заедничката заложба на адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Но, на средината на март пратениците од владејачкото мнозинство не го одобрија предлог-законот за амнестија на лицата осудени на повеќегодишни затворски казни за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Откако предлог-законот не беше усвоен, еден од неговите иницијатори, адвокатот Јанаки Митровски, преку објава на Фејсбук порача дека одлуката на Собранието е најголема неправда.