Вчерашните првични резултати од гласањето за избор на нови членови во Судскиот совет денеска беа потврдени како конечни

Судиите Антоанета Димовска и Наке Георгиев денеска добија уверенија и Комисијата за избори ги потврди за конечни првичните резултати кои ги соопшти вчера, според кои овие судии се новите членови на Судскиот совет.
Потврдувањето на нивниот избор беше откако измина законскиот рок во кој кандидатите имаа можност да поднесат приговори во однос на првичните резултати.
Конечните резултати, што денеска беа презентирани од претседателот на Комисијата, Субхи Јакупи, се истите кои вчера беа презентирани како првични.
За Антоанета Димовска, која беше кандидатка од редовите на судиите од скопското апелацискоо подрачје, гласале 110 од 185 судии кои излегле на гласање. Комисијата констатирала дека 26 гласачки ливиња се неважечки, а 35 останале неупотребени. Нејзиниот притивкандидат Лазар Нанев, актуелен претседателна Основниот суд во Кавадарци, има освоено 49 гласа.
Наке Георгиев, пак, како единствен кандидат од редовите на Врховен, добил само шест гласа од вкупно 16 судии во овој суд. Гласачки ливчиња од тројца судии, пак, биле неупотребени, а останатите седум врховни судии нивните ги направиле неважечки.
Димовска и Георгиев ќе го комплетираат 15-члениот состав на Судскиот совет по оставките на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и на Зоран Герасимовски од Апелацискиот суд во Скопје.
Гласањето за избор на новите двајца членови на Судскиот совет беше вчера, а право на глас имаа 236 судии, 16 врховни судии и 220 судии од скопското апелациско подрачје. Комисијата за избори рече дека го следела изборниот процес во сите 13 гласачки места за двете листи на кандидати, а излезеноста на гласачите била 84 отсто.
За изборот на новите членови денеска реагираше Блупринт-групата за реформи во правосудството. Нивната реакција се однесува на изборот на јавни обвинители во неколку јавни обвинителства и на изборот на два члена на Судскиот совет од редот на судиите.
Оттаму велат дека двата процеси ги покажале хроничните системски слабости кои постојано ја поткопуваат довербата на граѓаните во овие две клучни тела на правосудството во државата и детално образложуваат на што се темели оваа констатација.
Во однос на изборот на членови на Судскиот совет, Блупринт-групата нотира отсуство на законски уреден цензус (минимален број судии кои треба да гласат за изборите да се сметаат за успешни) и пропуштањето да се уреди видот на мнозинството неопходно за избор – што го подриваат легитимитетот на изборниот процес на член на Советот.