Џафери не успеа да ги одоброволи пратениците од опозицијата да направат кворум за да може да се гласа и за законите од 32.седница, а потоа да продолжи 36. седница, на чиј дневен ред е пакетот мерки. Опозицијата, пак, не успејаа да го убеди спикерот да ја прекине 32.седница и гласањето да го закаже за друг ден
И покрај очекувањата за деблокада на Собранието, пратениците и вечерва не успејаа да ги донесат трите закони за реализација на петтиот сет антикризни мерки.
Спикерот Талат Џафери не успеа да ги одоброволи пратениците од опозицијата да направат кворум за да може да се гласа и за законите од 32.седница на Собранието, а потоа да се продолжи со 36. седница, на чиј дневен ред е пакетот мерки. Пратениците од опозицијата, пак, не успејаа да го убедат Џафери да ја прекине 32.седница и гласањето да го закаже за друг ден. Тие седеа пред вратата од пленарната сала додека чекаа Џафери да попушти и тие да влезат и да се гласа за антикризните закони.
Но, спикерот не попушти. На крајот, по мошне напнатата процедурална расправа, Џафери ја прекина 32.седница, а 36. заседание воопшто не почна, ниту, пак, е закажан нов термин за негово одржување, иако, според најави од собраниското мнозинство, тоа би можело да биде веќе утре (петок).
Повеќе од два часа вечерва пратениците расправаа дали да се гласа за 21 точка од 32. седница и потоа да продолжи 36. седница или, поради немање кворум, да се одложи гласањето и да продолжи 36 седница.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од мнозинството се во болница поради ковид-19, така што владејачките партии немаат кворум.
Џафери забележа дека на списокот за евиденција како присутни во Собранието денеска се пријавиле 101 пратеник, кои треба да бидат во собраниската сала и ги читаше нивните имиња, како што рече, за да слушнат граѓаните кои се пратениците кои земаат плата и патни трошоци, а не учествуваат во работата на Собранието.
„Пратениците имаат обврска да бидат во салата, а нивно право е дали ќе гласаат или нема да гласаат, или пак, дали ќе учествуваат во дебатата или нема да учествуваат. Не може да им се плаќаат патни трошоци, а во сала да бидат присутни 58 или 59 пратеници,
рече Џафери.
Заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска оцени дека Џафери не ја отвора 36. седница затоа што во буџетот нема средства за мерките од петтиот пакет. Тоа, според неа, е причината поради која власта вечерва правела драма во собраниската сала.
„Вие можете да го искористите членот 165 од Деловникот и да ја завршите 32. седница со констатација дека гласањето по однос на тие 21 точка кои што се останати само за гласање ќе заврши кога за тоа ќе се создадат услови. Вие велите дека не функционирате со ултиматуми, а два часа овде ни поставувате ултиматум. Дајте да ја завршиме оваа драма или прашањето е дали во буџетот воопшто има средства, па затоа толку драматизирате цела вечер“,
рече Стојановска.
Доколку Собранието, во наредните денови ги усвојат антикризните закони, Фирмите и самостојните вршители на дејност ќе може до 30 април да аплицираат за помош за плати за февруари и за март. Пролонгирањето на рокот за пријавување е предвидено со амандман што беше усвоен во Комисијата за финансирање и буџет.