Антикорупциската комисија отвора предмет за предизборните унапредувања и именувања во Армијата што минатата недела ги потпиша претседателот Ѓорге Иванов.
„Следејќи ги именувањата сметаме дека има доволно материјал да се отвори постапка“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
„Овој указ да се изврши веднаш.“ – ова го пишува во сите шест укази на Иванов. Но, министерката за одбрана нема да ја продолжи постапката за испраќање воен претставник во НАТО и аташе во Франција, повикувајќи се на законски рестрикции во предизборен период.
„Владата и Министерството за одбрана целосно ќе ги почитуваат овие одредби и принципи“, велат од Министерство за одбрана на РСМ.
Кабинетот на Иванов има свое објаснување:
„Станува збор за редовна обврска која е во делокругот на непречено функционирање на државата“, велат од таму.
Иванов не гледа проблем во тоа што во НАТО го испраќа својот поранешен личен аѓутант, Мирче Ѓоргоски. Но,…
На 26 февруари, со веќе распишани претседателски избори, во Службен весник се појавија шест укази од претседателот Ѓорге Иванов за унапредувања и именувања во армискиот врв. Началникот на генералштабот, Васко Ѓурчиновски, е унапреден во генерал-потполковник, Драган Ковачки е поставен за командант на Првата механизирана пешадиска бригада, Бесник Емини е поставен за началник на штаб во Здружената оперативна команда, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски се поставува за постојан воен претставник во НАТО, а полковник Маријо Јуришиќ за воено аташе во Франција.
Во министерството за одбрана сметаат дека е неприфатливо овие именувања да се прават во предизборен период, особено, како што велат, на два месеца пред истекот на мандатот на претседателот.
„Министерството за одбрана нема да ја продолжи во предизборниот период процедурата за упатување во странство на споменатите личности. Неслучајно Министерството го достави предлогот за упатување на одбранбено аташе во Франција на 30.11.2018 година, што значи доволно пред распишување на изборите и во сите контакти со претседателот на државата напоменуваше дека процедурата треба да заврши до 8 февруари 2019, што за жал не се испочитува“, велат од Министерството за одбрана.
Од ресорот што го води Радмила Шекеринска негираат дека сите укази се донесени на предлог на министерството и генералштабот, тврдење што и денеска го повторија од кабинетот на Иванов. На прашањето – дали со тоа што за воен претставник во НАТО се именува поранешниот воен аѓутант на претседателот, се кршат практиките на добро владеење, од кабинетот на Иванов одговараат – не.
„Донесените укази се согласно член 18 од Законот за одбрана, со кој Претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали (точка 11) и поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство (точка 12)“, велат од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
На забелешката дека указите се донесени во предизборие и на само два и пол месеца од завршувањето на неговиот мандат, од кабинетот на претседателот одговараат:
„Постапката траеше неколку месеци и станува збор за редовна обврска која е во делокругот на непречено функционирање на државата.“
Но, така не мислат во антикорупциската комисија каде веќе се вклучил алармот за последните укази на Иванов.
„Следејќи ги именувањата сметаме дека има доволно материјал да се отвори постапка за овој предмет и тоа ќе го сториме на наредната седница и ќе ги согледмае сите околности поради кои дошло до овие именувања. Инаку во принцип можам да кажам дека именувања од ваков тип не треба да има во време кога е почнат изборен процес, дотолку повеќе што се отвора ризик за потенцијално политичко влијание на гласачкото тело. Значи ризикот постои и затоа ние ќе си отвориме посебно предмет, ќе ја утврдиме постапката зошто дошло токму сега – во изборен период, зошто тоа не се случило претходно, зошто тоа не се случило по изборите, зошто блиски лица на претседателот сега се именувани“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Овој аспект на поставување поранешни блиски соработници е проблематично и за Миша Поповиќ, истражувач во Институтот за демократија, кој работи на прашања поврзани со антикорупција.
„Прво го поставува во период кога дилема е дали смее да го постави. Второ го поставува во НАТО – како што рековте Иванов во последниот период на своето претседавање изгради негативна ориентација кон НАТО зашто зборуваше дека под притисок е донесен Преспанскиот договор кој овозможи влез во НАТО. Сега, тоа воено аташе кое е поставено од Иванов ја има дополнителната тежина пред своите колеги во НАТО дека претставува претседател кој имал такви сериозни резерви“, вели Поповиќ.
Приказна за себе е тоа што указите објавени во Службен весник на Република Северна Македонија се потпишани од претседателот на Република Македонија. Кој го крши Уставот – Иванов или Службен весник?!
Напишете коментар