Ова денеска го изјави претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска одговарајќи на новинарско прашање дали ДКСК го следи случајот и има можност за постапување во случајот „Соравија“. За него, како што соопшти Ивановска, не може да се постапува оти тој не е избрано или именувано лице
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) нема надлежност да постапува за внукот на лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, поради тоа што тој не е избрано или именувано лице.
Ова денеска го изјави претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска одговарајќи на новинарско прашање дали ДКСК го следи случајот и има можност за постапување во случајот „Соравија“.

Првата антикорупционерка нагласи дека ДКСК четири години укажувала на неопходноста од носење закон за потекло на имот, согласно кој, секој граѓанин ќе се изјасни од каде му се средствата за стекнување на имотот. Законот, вели Ивановска, почна да се подготвува и стигна до некоја драфт-верзија, која од минатата година до пред две недели е во кабинетот на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.
„Пред две недели нè викнаа на состанок за да видиме дека е променет насловот на законот и тој веќе не е закон за потекло на имот, туку е закон за конфискација без донесување судска пресуда, што по мене е нелогично бидејќи, за да се врши конфискација ако не се испита потеклото на имотот?“,
изјави претседателката на ДКСК на денешната прес-конференција.
Ивановска додаде оти е избришан и делот од законот со кој Комисијата би го обврзала секој граѓанин да го пријави имотот и средствата со кои истиот е стекнат.
„Според нас, се губи основната цел на постоењето на тој закон. Дали Владата ќе донесе понатаму одлука, дали ќе формира работно тело за подготовка, не знам, но мислам дека се изгуби многу време, а тој закон е основен ако сакаме вистинска борба против корупцијата. Ние имавме многубројни случаи и дојави дека некој има некаков имот, а кога ќе го провериме со Катастарот, имотот му е во ред. Значи, упатува на тоа дека е пријавен на друго лице“,
рече Ивановска.
Единствен начин да се спречи тоа, како што додаде првата антикорупционерка, е да се има клучна контрола којашто треба да укаже каде што постои ризик дека нешто е незаконски, а тоа може да се постигне само ако се направи поврзување на податоци кои ги имаат институциите и изготвување софтвер кој ќе детектира ризици.
„Тоа не е воопшто тешко да се спроведе, но треба добра волја“,
потенцира Ивановска.
По информацијата дека компанијата „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската „Пе-вла-ку ШПК“ ја преземаат контролата на Бизнис-центарот „Соравија“ во строгиот центар на Скопје, дел од медиумите објавија дека сопственик на фирмата „Тор индустрис“ е Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, лидерот на владејачката партија ДУИ.
Дрин Ахмети, внук од братот на Али Ахмети, Фекри, од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“. Инаку, Дрин Ахмети е сосопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот Буковиќ во Зајас.
