ВМРО-ДПМНЕ од вчера, на прес-конференции наречени „Бисера Антоанета“, почна да изнесува тврдења дека поранешната министерка за култура од редовите на СДСМ на службени патувања трошела буџетски средства за приватни цели
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска отвори предмет по допрен глас за да се утврдат наводите за злоупотреба на буџетски пари од страна на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, изјави за МИА претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска.
Како што посочила, утре ќе биде испратено барањето за обезбедување на документацијата.
ВМРО-ДПМНЕ од вчера, на прес-конференции наречени „Бисера Антоанета“, почна да изнесува тврдења дека поранешната министерка за култура од редовите на СДСМ на службени патувања трошела буџетски средства за приватни цели.
Костадиновска-Стојчевска денеска на прес-конференција рече дека ќе одговара ако се утврди неправилност, а во спротивно најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ.
Според Костадиновска-Стојчевска, вистината е дека дел од трошоците што биле презентирани се однесуваат на потребата да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службено патување на кое авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот.
„И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Другиот дел е тешка манипулација и целосна невистина“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, вчера изнесе тврдења за трошоците што ексминистерката за култура ги направила за време на четиридневниот службен престој во главниот град на Велика Британија, Лондон. Според Лефков, за четири дена во Лондон, Костадиновска-Стојчевска потрошила 714 фунти од службената картичка или 51 169 денари.
Пратеникот во детали наведе за што, во кои продавници и колку службени средства потрошила ексминистерката за купување, од фудбалска топка, кадифено мече „падингтон“, куфери „самсонајт”, до чорапи, хулахопки и подароци од „Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter“.