Од ДКСК велат дека членот 96 од Законот за спречување на корупцијата им дава можност да го проверат случајот со купопродажбата на куќата за која полномошник бил актуелниот претседател на Државната изборна комисија
Прашавме и во ВМРО-ДПМНЕ – дали ќе побараат оставка од претседателот на ДИК, Александар Даштевски, со оглед на тоа што тој е избран на функцијата на нивен предлог. Но, наместо одговор, оттаму нè прашаа дали ние ќе побараме оставка од Ковачевски и Груби за, како што велат, епскиот криминал со проектот за коридорите. Инаку, и за тој случај, како и за тендерот за надзорот, „360 степени“ известува во континуитет во изминатите недели
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвора предмет за куќата на тештата на актуелниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, купена пред половина година на Халкидики во Грција, процес во кој активно учествувал и го заокружил токму Даштевски.
Случајот вчера го отвори „360 степени“.
Од Антикорупциска се повикуваат на членот 96 од Законот за спречување на корупцијата, за кој велат дека им дава можност да го проверат случајот. Членот гласи:
„Доколку постојат докази дека член на семејството или блиско лице на службеното лице, се стекнал со значителен имот за време на вршење на јавните овластувања, односно должности на службеното лице, кој ги надминува неговите редовни примања, а постои основано сомневање дека службеното лице со намера да го прикрие потеклото на имотот префрлил имот на тој член на семејството, односно блиско лице, Државната комисија ќе иницира покренување на постапка за испитување на основот на стекнување на имотот на тој член, односно блиско лице“.
Даштевски беше избран за претседател на ДИК во јануари 2021 година на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДКСК повторно ја истакнуваат и потребата од најитно донесување закон за потекло на имот, за кој постојат нацрт-решенија, но сè уште не е донесен.
„360 степени“ вчера обелодени дека куќа во местото Елани, на првиот крак на Халкидики, во Грција, од пред половина година се води на име на мајката на сопругата на претседателот на ДИК, Даштевски. 75-годишната пензионерка од Куманово го ополномоштила зетот Даштевски, а не, на пример, некое од своите деца, да ја води и да ја заокружи купопродажбата на имотот од 111 квадратни метри. Дополнително, официјалната вредност на куќата наведена во нотарските акти од 110 илјади евра е најмалку двапати помала од пазарната цена на слични недвижнини во Елани.
Даштевски во писмен одговор испратен непосредно пред емитување на сторијата вели дека не е ниту купувач ниту продавач во договорот, туку полномошник за преземање едно дејствие – подигнување на документацијата. Исто така, тврдеше дека документите се прибавени незаконски.
Притоа, тој и ги цитираше членовите 147, 148 и 149 кои се однесуваат на повреда на тајност на писма или други пратки, неовластено објавување лични записи и злоупотреба на лични податоци.
Но, наспроти наводите на Даштевски дека документацијата е прибавена на незаконит начин, „360 степени“ до актите стигна целосно легално со помош на адвокат од Солун. Неговиот увид и преземањето фотокопии од документите е во согласност со грчките закони.
Тврдењето на Даштевски, пак, дека бил полномошник за преземање на само едно дејствие – подигнување на документацијата – е во спротивност со насловот на овој акт што го има склучено лично тој. Називот на овој документ е: „Акт за исплата на договорен износ и укинување на клаузула на поништување на договор“ (види погоре).
Прашавме во ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе побараат оставка од претседателот на ДИК, со оглед на тоа што тој е избран на функцијата на нивен предлог.
Оттаму сметаат дека оставки треба да се бараат од луѓе кои направиле епски криминал и ја повикаа нашата редакција да го стори тоа.
„Во кој дел вашиот медиум го судеше и осуди Даштевски за сторено кривично дело, дали вашиот портал ќе побара оставка од Ковачевски, Груби и другите и на кој начин ќе ги осуди за епскиот криминал со проектот за Коридорот 8 и Коридорот 10-д“,
ни одговорија од партијата.
Прашањето до ВМРО-ДПМНЕ беше упатено во контекст на нивните повици за оставки на владини претставници во случаи во кои постои сомнеж за корупција и незаконско постапување, од кои дел ги има отворено токму „360 степени“.
За потсетување, „360 степени“ е еден од медиумите што им даде јавност на дел од спорните аспекти и во континуитет известува за јавната набавка за надзор над изградбата на автопатите од проектот со „Бехтел и Енка“. „360 степени“, исто така, секојдневно известува и за проблематичните елементи од договорот со американско-турскиот конзорциум, вклучувајќи ги и оние што ги објавува опозициската партија.
Александар Даштевски во јануари 2021 година, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, со 95 гласа во Собранието, беше избран за претседател на Државната изборна комисија. Есента истата година во октомври се одржаа локални избори со новитет во гласачката историја на Македонија – систем за биометриска идентификација на гласачите. Набавката на апаратите за скенирање отпечаток од прст дојде по претходен политички договор на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, откако опозицијата се закани дека ќе ги бојкотира изборите доколку гласањето не се спроведе со биометриска идентификација на гласачите. Системот, кој ја чинеше државата 11,2 милиони евра, ДИК го набави од германската фирма „Дермалог“, а на договорот стои потписот на Александар Даштевски.