Антикорупциската комисија соопшти дека ќе бараат одговорност од раководството на Централниот регистар бидејќи од Исламската верска заедница (ИВЗ) пет години наназад не била доставена завршна сметка, а институцијата не презела никакви дејствија.
На сметката на ИВЗ пак, според антикорупционерите, во последните 10 години се слеале повеќе од 9 милиони евра како компензација за имот.
Антикорупциска сега ќе го почека извештајот од УЈП за извршената финаниска контрола и ќе одлучи какви мерки ќе преземе понатаму, а за иницијативата ќе ја извести и Владата, информираше на денешната прес-конференција антикорупционерот Нури Бајрами.
„Од Министерството за финансии добивме информација дека во последните 10 години ИВЗ при на враќање на имот добила обврзници во висина од околу 9 100 000 евра, како компензација за имот кој не може да се врати, или поконкретно се работи за над 48 000 квадратни метри земјиште и 210 квадрати станбен простор“,
вели Бајрами.
Тој информира дека за сомневањата за злоупотребата на финансиското работење на ИВЗ е доставена пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал, а до Антикорупциска била доставена копија од пријавата и биле приложени 116 докази.
Бајрами рече дека од ИВЗ реагирале дека парите не се од државниот буџет и дека ДКСК нема право да се меша во нејзината автономија, но антикорупционерот вели дека никој не е над законот. Објасна дека тие не го испитуваат финаниското работење на ИВЗ туку постапувањето на надлежните институции.
„Не се службени лица тоа е точно. Дека се мешаме во нивната автономија тоа не е точно. Јас не сакам да докажам и да измислувам топла вода, но секој треба да знае дека не е над законот, бидејќи Законот за спречување на корупција, Законот за здруженија и фондации, Законот за правната положба на религиозна група, Законот за управа на јавните приходи и ред други закони како Законот за даночна постапка, персоналниот данок, данок од доход, прават точна конекција дека верските заедници се правни лица и треба да исполнуваат многу обврски спрема државните институции кои се службени лица и се под наша надлежност. Ние не се мешаме кај нив, ние гледаме како службените лица од сите институции ги извршуват своите надлежности“,
рече Бајрами.
Бајрами рече дека сите наводи ќе ги провери Јавното обвинителство за организиран криминал.