Антикорупциската комисија отвори предмет за првиот сет мерки на Владата за помош на фирмите за надминување на кризата, информираше на прес-конференција претседателката Билјана Ивановска.
На новинарско прашање, Ивановска рече дека ќе се испитува по кои критериуми се избрани фирмите што добиле субвенции, а истовремено ќе го испитаат и назначувањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев во Советот за фискални мерки за ковид-19, за да утврдат дали тој со својата позиција вршел влијание за негова фирма да добие бенефиции.
„Тоа е веќе предмет на истражување, ние доставивме барање за податоци за првата мерка каде што приматели на државната помош беа и фирми кои беа во добра финансиска кондиција кои се појавија како баратели на помошта, од една страна, а од друга страна пак, добивме пријави од други фирми кои беа одбиени. Во функција на расветлување на случајот и да се видат сите факти и аргументи, ние до Владата доставивме барање за потребните податоци, и за овој аргумент плус дека тој како советник може да влијае во утврдувањето на критериумите за мерките, за после од другата страна да се јавува како корисник на истите. Затоа што веќе го видовме во една ситуација кога учествуваше во донесување на одлука на Влада, каде што понатаму, бенефитите ги имаше неговата фирма. Во таа насока би одело разгледувањето на предметот“,
рече Ивановска.
Ивановска информираше дека ќе направат увид и во одлуката за финансирање на невладините организации од страна на државата за спроведување мерки за заштита од ковид-19.
Во однос на останатите мерки, како домашната платежна картичка, Ивановска рече дека ДКСК укажала дека е неопходно јавно да биде објавена целата листа на сите добитници на тие картички за да се провери дали има системска грешка, како и дека не треба да се повторуваат мерките кои веќе биле исполнети или, да се рекламираат мерки кои нема да се реализираат во догледно време.