Антикорупционерите ќе имаат многу работа за да ја истражат улогата на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во набавката на радарската опрема за М-НАВ. За документацијата врз која ќе се врши увид, на Владата и АД Македонски навигации им биле потребни три кутии за пакување, за да го испратат материјалот до Државната комисија за спречување корупција.
„Се работи на анализа на документацијата која е многу обемна. Потоа ќе процениме дали ќе треба да се вклучат експерти од оваа област која можеби ги надминува нашите искуства. Не е ништо ново дека ќе се постапи како и по сите други предмети“,
вели заменик претседател на ДКСК, Нури Бајрами.
На денешниот колегиум антикорупционерите разгледувале и дали документацијата е комплетна. Ако при анализите се докаже спротивното, од Владата и М-НАВ ќе биде побарана дополнителна документација.

Случајот за набавката на радарски систем во М-НАВ и улогата на Драги Рашковски излезе во јавноста кога на руска социјална мрежа беше објавен разговор од кабинетот на владиниот генерален секретар. Потоа следуваше уште една снимка, објавена на Јутјуб. Авторите на снимките, но и дел од медиумите тврдеа дека аудио материјалот е доказ дека Рашковски постапил незаконски кога се вмешал во постапката за набавка на радарски систем за М-НАВ и дека извршил низа незаконски дејствија, како средба со една од фирмите пред таа да биде формално избрана. Рашковски не негираше дека снимките се од неговиот кабинет, но тврдеше дека неговите активности биле со цел да се забрза постапката која се одложувала веќе две години и за тоа имал задолжение донесено на владина седница. Според генералниот секретар, во прашање била безбедноста на македонското небо. Оваа верзија ја потврди и премиерот Зоран Заев.
Рашковски, сепак се извини за навредливите зборови во дел од објавените разговори, кон Италијанците и кон Ромите. Но, на истата прес-конференција, се закани со тужби против новинарите што наиде на силна осуда и од новинарските здруженија и од Агенцијата за медиуми.