Основниот суд Кавадарци денеска на својата фејсбук-страница сподели како во институцијата го решиле проблемот – ем да го заштитат здравјето на странките во судските постапки ем да не се одложуваат предмети поради ковид-19.
„Заради спречување на каква било инфекција и заради намалување на ризикот за ширење на вирусот ковид-19, Основниот суд Кавадарци обезбеди за странките целосна заштита со поставување на плексиглас – паравани во судниците на судот каде што непречено ќе се одвиваат сите судења“,
објави претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, на својот фејсбук-профил.
Како што може да се види од фотографиите, еден голем параван од плексиглас е поставен пред бирото на судечкиот совет.

Втора „линија на заштита“ се параваните на бироата каде што седат странките – обвинителот, одбраната и обвинетите.

Потоа, паравани има меѓу секое од местата предвидени за обвинителот, одбраната и обвинетите, односно има посебна „коцка“ за секој од нив.

Кавадаречкиот суд и досега покажа иновативност во примената на мерки за заштита од ковид-19, со цел да не се одолговлекуваат предметите. На почетокот на април, први во земјава, одржаа четири онлајн-судења. Виртуелно беа присутни претставници на Основното јавно обвинителство во Квадарци, од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, како и адвокатите. Како што соопшти Судот, рочиштата се одржале преку електронската платформа „Мајкрософт тимс“.