На истото прашање, во анкета објавена во мај, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ беше за 1,5 отсто повисок односно 21,2 отсто. За СДСМ, пак, тогаш се изјасниле 16,2 отсто или 3,3 отсто повеќе од сега
Резултатите од анкетата, според ИПИС, покажуваат и дека Мицкоски има најголема доверба од политичарите. Втор е Ахмети, а трет е Ковачевски
Исто така, имало прашање и за доаѓањето на американскиот тим за санкции за што дури 50,1 отсто од испитаниците одговориле дека тоа е сигнал до власта дека целосно потфрлила на овој план.
Доколку следната недела има парламентарни избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19,7 отсто, а за СДСМ 12,9 отсто.
Вакви резултати за двете најголеми партии покажува најновата анкета на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) која ја објавија дел од медиумите.
Истражувањето било направено телефонски, во периодот помеѓу 11 и 14 декември 2022 на примерок од 1 117 полнолетни испитаници на ниво на цела држава.
На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори“, по ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како треторангирана е ДУИ со 5 отсто. Следуваат Левица со 3,9, Алијанса за Албанците со 2,9 отсто, Беса со 2,2 отсто и Алтернатива со 0,9 отсто.
За некоја друга партија различна од наведени, пак, би гласале 2,9 отсто.
Сепак, највисок е процентот на испитаници кои одговориле дека нема да гласаат за ниедна партија – 24,9 отсто.
Не сакале да кажа, пак, 14 отсто, а со „не знам“ или „немам одговор“ одговориле 9,7 отсто.
На истото прашање, во анкета објавена во мај годинава, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ беше за 1,5 отсто повисок односно 21,2 отсто. За СДСМ, пак, тогаш се изјасниле 16,2 отсто или 3,3 отсто повеќе од сега.
Во мај за ДУИ се изјасниле 7,2 отсто, за АА 3,8 отсто, 2,9 отсто за Левица, 1,5 за Беса и 1 отсто за Алтернатива.
Рејтинг на лидерите: Мицкоски прв, Ахмети втор, Ковачевски трет
Кога станува збор за рејтингот на лидерите, според ИПИС, на прво место е Христијан Мицкоски.
На прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба“, за Мицкоски се определиле 13 отсто. На второ место е Али Ахмети со 6,2 отсто, додека трет е премиерот Димитар Ковачевски со 5,2 отсто.
За лидерот на Левица, Димитар Апасиев, се определиле 3,3 отсто, а веднаш зад него е градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски со 3,1 отсто.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, е со доверба од 2,6 отсто.
На листата се и поранешните премиери Никола Груевски со 2 и Зоран Заев со 1,7 отсто.
И на ова прашање најголем процент од испитаниците одговориле со „ниеден“ – 47,2 отсто.
Во споредба со резултатите од мај, рејтингот на Мицкоски паднал за 3,2 отсто односно тогаш бил 16,2 отсто, на Ковачевски паднал за 1,2 отсто односно тогаш изнесувал 6,4.
Што мислат граѓаните за доаѓањето на американскиот тим за санкции
Дел од истражувањето било и прашање за тоа како граѓаните гледаат на доаѓањето на американскиот тим за санкции и борба против корупцијата.
Дури 50,1 отсто од нив одговориле дека тоа е сигнал до власта дека целосно потфрлила на овој план.
За 20,3 отсто од испитаниците, пак, доаѓањето на тимот од Вашингтон е признание и поддршка за напорите на Владата во борбата против корупцијата.
29,6 отсто, пак, рекле дека „не знаат“ или „немаат одговор“.