Звучеше навистина како невозможна мисија, особено во овие услови, затоа што еден дел од соговорниците постојано велеа – како ќе успеете да ги вклучите сите и сето тоа да се развие, да се направи таа апликација, сите чинители да учествуваат активно во процесот – вели директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, за новиот дигитален систем за за создавање, чување, обработка и пренос на класифицирани документи поврзани со иницирање и издавање наредби за прислушување
Новиот дигитален систем за интероперабилност на институциите вклучени во иницирањето, одобрувањето и реализирањето на ПИ-мерката за следење на комуникациите, воспоставен на иницијатива на ОТА, според оценките на НАТО има највисоко ниво на заштита според нивните стандарди, рече во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“, директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски. Според него, системот е креиран за да ја олесни работата на полицијата, обвинителството и судството, но и за да ја врати довербата на граѓаните.
„Пред една година имавме посета од експертите на НАТО, кога системот беше првично поставен и тестиран и тие го оценија на ниво на ‘НАТО сикрет’ што е прилично високо ниво на заштита. Во Македонија и регионот не постои систем што е толку добро етаблиран, се работи за последен збор на техниката, прилично софистицирана технологија. Имавме предизвици во развојот, како сето тоа да го имплементираме. Направивме алатка што мислам дека ќе послужи за враќање на довербата во целиот систем. Во исто време сакам да истакнам дека овој систем е одлична база за понатамошна интероперабилност на сите чинители во процесот. Затоа што системот нуди неограничени можности за проширување на капацитетите. Со соодветно аплицирање на други апликации може да се обезбеди интероперабилност за што веќе се разговара со судовивте и обвинителствата. Можеме да им го понудиме како добра база за понатамошна дигитализација на судството и олеснување на работата не само во делот на следење на комуникации туку и во делот на безбедноста на целиот систем“,
вели Ангеловски.
На системот почнале да работат пред три години, но детали во јавноста не изнесувале пред да ги добијат сите потврди и сертификати, вели директорот Ангеловски.
„Во оној момент кога се соочивме со сите овие проблеми, хартиена форма, каснење на наредбите и слично, кога решивме да го правиме, звучеше навистина како невозможна мисија. Особено во овие услови, затоа што еден дел од соговорниците постојано велеа – како ќе успеете да ги вклучите сите и сето тоа да се развие, да се направи таа апликација, сите чинители да учествуваат активно во процесот. Вработените во ОТА дадоа максимален придонес. Членовите на работна група, навистина, работеа многу ефикасно и брзо. Треба да имаме предвид дека во неа учествуваа и судии и обвинители кои не секогаш се на располагање, тешко се обезбедува време за ваков тип активности и сето тоа требаше да го составиме со програмери кои ја развиваа апликацијата“,
додава Ангеловски.
Тој објаснува дека со новиот систем секоја институција – судот, обвинителството, МВР и останатите што ги користат ПИ-мерките имаат специјална соба во која се наоѓа тастатура и монитор, кои не користат хардвер, туку се врзани на клаудот. Системот е така конципиран што секој корисник има своја картичка која е нонфигурирана за да му даде пристап само во определни зони во системот, потенцира првиот човек на ОТА.
„Секоја од инситуциите има свој сегмент кој е заштитен и никој друг чинител во системот не може да види што се случува во него, вклучително и ОТА. ОТА нема пристап до податоците што се во системот. ОТА има пристап само до дигиталниот запис што доаѓа во форма на судска наредба од Судот. Ова е многу важно зашто следењето на комуникации е жива материја во која технологијата оди многу брзо напред, ние сме во овие четири години во перманенетен ‘апгрејд’, значи мораме да го надградуваме системот за да бидеме во тек со настаните кои се случуваат во телекомуникацискиот сектор. Внесување параметри во системот рачно претставува голем проблем. Ова ни овозможува самата наредба да ја добиеме во дигитлана форма од Судот и ние само ја аплицираме во системот и проверуваме дали тоа работи. Значи, се избегнува човечкиот фактор и во ОТА“,
рече директорот на ОТА.
На прашањето дали може во моментов нелегално да се прислушува, Ангеловски потенцира дека следењето на комуникациите е строго детерминирано. Според него, станува збор за алатка за која се бараат специјални лиценци и дозволи кои не се наоѓаат на отворен пазар.
„Станува збор за еден вид специјално моќно оружје. Опремата за следење на комуникациите не може да се купи на отворен пазар, и не може да ја креирате зашто се работи за високо софистицирана технологија и мал број на инженери знаат како ова функционира“,
додава Ангеловски.