Министерката за финансии Нина Ангеловска не ја коментира одлуката на Уставниот суд за оспорување на уредбата на Владата со која сите именувани лица требаше во април и мај да земат минимална плата од 14 500 денари, како мерка во време на криза поради пандемијата, но вели дека сите треба да бидат солидарни во ситуација кога земјава се справува со коронавирусот.
На прес-конференцијата во Владата, Ангеловска рече дека како министер останува на ставот дека сите треба солидарно да понесат дел од одговорноста.
„Сметам дека и администрацијата треба да понесе дел од товарот што го носи приватниот сектор и вработените во приватните компании, а кои се оние кои го полнат Буџетот. Не би ја коментирала одлуката на Уставниот суд, но очекуваме дека сите ќе бидат солидарни и никој нема да остане недопрен во оваа криза. Тоа е многу важно да го прикажеме преку своите дела“,
истакна Ангеловска.
Уставниот суд на вчерашната седница одлучи привремено да го запре извршувањето на три уредби кои ги донесе Владата во вонредната состојбата.
Од Владата оценија дека одлуката е скандалозна.
Станува збор за уредбата со која сите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор – пратеници, шефот на државата, министри, градоначалници, но и судии и обвинители, се ставаат на минимална плата од 14 500 денари за месеците април и мај, понатаму уредбата со која се забранува исплата на додатоци и надоместоци на плата во јавниот сектор во време на вонредна состојба, како и уредбата со која се предвидува исплата на заостанатите плати на службениците во СЈО.