Потребна е мултифункционална специјална единица за потрага и спасување и противпожарна единица, набавка на медикоптери. Во неколку случаи ги користиме полициските хеликоптери, но тие како и армиските имаат друга намена. Нам ни требаат медикоптери, преуредување на законските решенија заради засилено користење на постоечките доброволни спасувачки и планинарски служи, како и целосна обнова на системот за тревожење, рече Ангелов
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов денеска на прес-конференција информираше дека успеале многу работи во оваа инситуција да променат на подобро, но, додаде дека сè уште постојат сегменти на кои треба уште да се работи, пред се во техничко доопремување.
Ангелов оцени дека благодарение на активностите и заложбите и формирање на тим со идеи, ЦУК станал препознатлив кај граѓаните.
„Направивме раководен тим кој имаше идеја како понатаму да го води Центарот за управување со кризи во насока на отстранување на затекнатите и детектирани слабости и нивно надминување. Единствен ресурс кој го имаме е човекот, затоа две години подоцна можам да кажам дека во ЦУК има извонредни професионалци со одлично образование и искуство, бидејќи кога дојдовме со заменикот затекнавме несоодветна распореденост на работни места, луѓе без со соодветно образование. Кога дојдовме на позиција со заменикот Екрем Зендели, Центарот не беше препознат во јавноста и јавноста многу малку знаеше за него“,
изјави Ангелов.
За две години, како што информираше тој биле или наскоро ќе бидат унапредени вкупно 92 лица, посочувајќи дека за споредба во претходните 15 години само 42 лица добиле унапредување. Според него, на овој начин успеале да обезбедат стимулиран и мотивиран кадар.
„Успеавме да реновираме 12 подрачни канцеларии на ЦУК, а во моментов работиме на формирање за центар за обука. Во овој момент една поранешна воена амбуланта, која е дел од касарната во Куманово и беше комплетно руинирана, благодарение на донација од 520 000 евра на Американската амбасада сега целосно се реновира. Ќе добиеме илјада квадратни метри на три ката и очекуваме до март овој објект да биде целосно реконструиран и во него ќе биде сместено одделението на ЦУК во Куманово“,
истакна директорот на ЦУК.
Ангелов информираше дека со донација на романската Влада од 20 000 евра, во тек е и постапка за реконструкција на главната зграда на ЦУК за која оцени дека е во лоша состојба.
Тој порача дека и покрај успешното раководење со Центарот, сè уште има сегменти на кои треба да се работи.
„Потребна е мултифункционална специјална единица за потрага и спасување и противпожарна единица, набавка на медикоптери. Во неколку случаи ги користиме полициските хеликоптери, но тие како и армиските имаат друга намена. Нам ни требаат медикоптери, преуредување на законските решенија заради засилено користење на постоечките доброволни спасувачки и планинарски служи, како и целосна обнова на системот за тревожење“,
рече Ангелов.
Во однос на најавата на Град Скопје за санирање на 36 мостови, Ангелов рече дека тоа е добра иницијатива, имајќи предвид дека низ градот постојат мостови кои се „сериозна закана за граѓаните“.