Ангелов рече дека треба да се променат 19 закони и дека е формирана работна група во Владата, предводена од вицепремиерот Љупчо Димовски, која веќе работи на оваа проблематика

По локалните избори, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, се надева дека ќе биде заокружен процесот на основање на институцијата во која би се обединиле надлежностите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Вечерва, во телевизиско гостување, Ангелов рече дека треба да се променат 19 закони и дека е формирана работна група во Владата, предводена од вицепремиерот Љупчо Димовски, која веќе работи на оваа проблематика.
„Се работи на спојување, односно, би рекол, формирање нова институција која ќе ги обедини функциите на двете постоечки. Разликата кај новата институција е тоа што таа би имала координациска и командна улога бидејќи во овој момент ние како ЦУК координираме, но немаме командна улога“,
рече Ангелов.
На новинарско прашање како би се викала таа институција, Ангелов рече дека таа ќе ги обединува двете досегашни и додаде дека не е исклучено да биде како сега, Центар за управување со кризи, и да се додаде „заштита и спасување“. Иако, како што рече, „потрага и спасување“ е вообичаено прифатен поим во европските држави или во НАТО-земјите.
Ангелов во интервјуто се осврна и на неодамнешните поплави што беа предизвикани од излевањето на Маркова Река, а објасни и каква е состојбата со речните корита и каналите во земјава.
„Луѓето си направиле дворови, куќички или помошни објекти во коритото на реката, што е недозволиво. Од друга страна, самото корито некогаш се користи за фрлање шут и отпад. Локалната самоуправа треба постојано да го одржува чисто и проточно речното корито. Улогата е и на Дирекцијата за заштита и спасување, која треба да има механизација и да се вклучи во вакви ситуации кога локалната самоуправа не може тоа да го направи“,
рече Ангелов.
Тој очекува ова лето да бидат на располагање трите „ертрактори“ за гаснење пожари, заедно со тројца пилоти.
„Состојбата е специфична, но јас сум оптимист. ДЗС е обезглавена, но Владата работи на изнаоѓање на решение. Убеден сум дека годината во текот на летото ќе ги имаме трите ‘ертрактори’ заедно со тројца пилоти“,
рече Ангелов.
Инаку, за потребата од спојувањето на ЦУК и ДЗС, во јули мината година информира и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој рече дека тоа тело ќе ги има капацитетите, и материјални и човечки, да одговори соодветно на кризни состојби.