Никој не побарал хеликоптер ниту, пак, се јавил во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување за да се спаси премрзнатиот овчар од кратовското село Емирица – има пропусти, но не индивидуална одговорност, туку системски слабости, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција. Тој денеска ги презентираше сознанијата на Комисијата за овој случај и најави дека дисциплинска комисија ќе ја утврдува одговорноста врз основа на извештајот.
„Целиот систем за управување со кризи има слабости, пренатрупани проблеми и системска слабост, кои ќе бидат надминати во наредниот период“,
изјави Ангелов.
Според д-р Стевко Стефковски, раководител на Секторот за аналитика во ЦУК и раководител на комисијата што го испитуваше случајот, самите мапи на работен процес се од постар датум, има пропусти во водењето дневник за самиот настан и евиденција на случените разговори, како и одредени технички недостатоци, пред се снимањето на разговори.
„Првиот пропуст што е идентификуван на локално ниво е дека не е известено подрачното одделение на ДЗС во Кратово, иако колегите тоа го направиле врз основа на проценка на ситуацијата. Знаејќи дека основното средство што се бара е теренско возило и имале информација дека подрачното одделение не располага со теренско возило и водејќи се од тој факт не направиле службено известување и не побарале асистенција од подрачното одделение на ДЗС во Кратово. Следното ниво е нема побарување на дополнителни ресурси од другите субјекти во системот за управување со кризи, како што е Армијата бидејќи оперативната процена од терен, немало побарување за таков ресурс и соодветно на тоа, по направената оперативна процена не е извршено побарување ресурси од другите субјекти“,
изјави Стефковски.
Љупчо Крстевски, самостоен референт во Републичкиот центар за управување во Кратово, оперативецот кај кого прво доаѓа информацијата дека на лице му е потребна итна медицинска помош во случајот кај село Емирица и Тони Ивановски советник и в.д. раководител во ЦУК во Кратово, на денешната прес-конференција тврдеа дека никој од нив не се прогласил за ненадлежен и оти ниту еднаш не бил побаран хеликоптер, туку само теренско возило.
По една недела во кома, на 6 април почина 63-годишниот Златко Божиновски, жител на кратовското село Емирица, кој пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. Овчарот кој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, имал мозочно крвавење. Голготата за спасувањето на овчаро, на социјалните мрежи ја обелодени лекарот од Итната медицинска помош.