Ангелов вели дека утринава на Водно имало вандализам на најмалку три места. Третиот случај за кој информира Ангелов е за искршено стакло на продавницата што се наоѓа во подножјето на крстот на врвот на Водно
Пожарот што утринава изби во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно не е единствениот што го имало на планината денеска.
На овој пожар му претходел уште еден кој бил околу 7:20 часот, а бил во делот меѓу Средно Водно и врвот.
Информацијата ја сподели директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов кој вели дека пријавата за првиот пожар била стигната на бројот 112.
„Денеска околу 7:20 часот на бројот 112 добиена е пријава за запалена бандера, како и неколку трупци спроти детското одморалиште што се наоѓа меѓу Средно Вовдно и врвот. Екипа на парк-шумата Водно излегла на местото, а неколку планинари веќе дејствувале на опожарените трупци и бандера и помогнале огнот да биде целосно изгаснат“,
вели Ангелов.
Тој додава дека утринава на Водно имало вандализам на најмалку три места. Третиот случај за кој информира Ангелов е за искршено стакло на продавницата што се наоѓа во подножјето на крстот на врвот на Водно.
За пожарот во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ Ангелов вели дека почнал надвор од него, од куп ѓубре или дрва кои биле запалени.
Потоа, според кажувањата на првите очевидци кои ги пренесува Ангелов, пожарот се проширил врз дрвената рамка на прозорецот на планинарскиот дом, од каде што влегол во внатрешноста.
Тој додава дека брзата интервенција на пожарникарите придонела овој пожар да не се прошири иако била зафатена околната трева.
Ангелов вели дека екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР) се на самото место и интензивно се трага по одговор на прашањето кој ги предизвикал овие два пожари, како и кој го извршил вандализмот врз продавницата.
Информацијата која ја сподели Ангелов, но и од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ е дека денеска поради пожарот во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“, жичницата на Водно нема да работи.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“,
се вели во информацијата од ЈСП.