Министерот за дигитална трансформација рече дека очекува актуелната ситуација во ДКСК да не биде злоупотребена од ниту една политичка партија. Смета оти не постои можност да се парализирање на работењето на ДКСК, со оглед на некои од барањата за разрешување на целиот состав на Комисијата
Случајот со актуелната претседателка на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, која се најде меѓу осомничените во предметот „Адитив“, според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, фрла дамка на институцијата. Андоновски смета дека додека не заврши постапката за случајот, во кој Димитровска е осомничена, би било непримерно таа да продолжи да ја врши функцијата претседателка на ДКСК.

Сепак, рече дека конкретната ситуација не треба да значи рушење на кредибилитетот на институцијата бидејќи, како што кажа, станува збор за еден член, макар тој бил и претседател на Комисијата.
„Се надевам дека ДКСК со успех ќе продолжи да си ја врши својата работа. Има три многу големи надлежности – судир на интереси и спречување корупција, проверка на законите, но и работа по Стратегијата за спречување на корупцијата. Се надевам дека членовите ќе смогнат сили да продолжат со работа, нешто што го најавија и вчера“,
изјави Андоновски одговарајќи на новинарски прашања.
Министерот рече дека очекува актуелната ситуација во ДКСК да не биде злоупотребена од ниту една политичка партија. Смета оти не постои можност да се парализирање на работењето на ДКСК, со оглед на некои од барањата за разрешување на целиот состав на Комисијата.
„Не гледам причина зошто другите членови би сноселе одговорност за личните постапки за еден од членовите, за потенцијалните постапки, затоа што станува збор за осомничено лице. И не би сакал дополнително да се впуштам во политизација на процесот затоа што овој состав, како и минатиот состав на ДКСК, беше избран во Собранието со поддршка од сите политички партии, вклучително и од невладини организации, во една транспарентна постапка којашто се сметаше за пример за начин на избор на членови на вакви независни тела“,
рече Андоновски на прес-конференција на која промовираше нови е-услуги за граѓаните.
Другите членови на ДКСК, како што рече, треба да покажат со пример дека нивната работа е кредибилна.
Актуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, е една од осомничените во проширената истрага на ОЈО ГОКК за случајот „Адитив“. Осомничена е дека преку апликации за пораки му оддавала службени тајни на друг обвинет во случајот.