Новоизбраниот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, меѓу другото, одговара на прашања за одлуката на Владата да именува в.д. директори на неколку десетици јавни институции наместо да распише оглас, па да избере директор со полн мандат, како и за критиките во јавноста за таквата практика

360°: Едно политичко прашање што е актуелно деновиве се именувањата в.д. директори на јавни институции, без притоа да се каже дали е објавен оглас за редовно именување. Забелшките се дека и овој пат тоа се прави без да се води сметка за квалитет и заслуги, практика што беше критикувана од стручната јавност, па и од вас во период кога бевте опозиција. ДКСК соопшти дека ќе ја проверува законитоста, но веројатно нема да најдат ништо проблематично во законитоста затоа што ова е пракса што е законита, но е механизам кој би требало да се користи вонредно, а не редовно. Е сега, вонредниот механизам некако станува редовен и за вас – зошто?
Андоновски: Не можам да се сложам со вас дека станува збор за редовен механизам затоа што имаме промени на помалку од 30-ина раководители на институции, а зборуваме за околу 1 100-1 200 раководители на иснтитуции. Така што, ова е помалку од 10%, но тоа не значи дека нема да има дополнителни именувања на в.д. Знаете, етичката е борба меѓу два огна. Едното, да оставите да биде раководител некој што ги девастирал претпријатијата, зборувам сега за ‘Македонски шуми’, ‘Железници инфраструктура’… ‘Железници транспорт’ е во очајна состојба, човек којшто не сака да ги поправа тркалата на возовите последниве 7 месеци, иако е молен буквално од операторите и домашни и странски и приватни и секакви, човек којшто не сака да репарира две локомотиви за да функционира железничкиот превоз барем по Коридорот 10. Зборуваме за луѓе што се длабоко фатени во криминал и за кои ревизиите на Државниот завод за ревизија покажуват сериозни недостатоци во нивното работење, дури и некои кирминални последици, и тоа е едната страна. Од другата страна, да почитувате дека тие треба да бидат избрани на конкурс во редовна постапка иако законот дозволува да бидат избрани во оваа т.н. вонредна постапка или по исклучок за вршител на должност на определено време. Ние, во определен број од институции, каде што гледаме дека недостатоците се толку сериозни и дека може да настане непоправлива штета за македонските национални интереси, како држава, за економско-социјалната состојба, се решивме на овој чекор, тие луѓе да бидат заменети со вршител на должност, а постапката редовна да си започне за избирање директор со мандат.
360°: Речиси идентично беше објаснувањето во 2017 г. кога се смени власт и кога дојде СДСМ заедно со ДУИ на власт, со слична аргументација влегоа во именување в.д. директори. На крај, не се покажа тоа успешно во сите институции, така што, на едно ниво, оваа ваша елаборација може да биде прифатлива…
Андоновски: Може, но тогаш имаше возови, сега нема возови, тоа е наједноставниот аргумент што можам да го искористам за овие јавни претпријати. Тогаш, на пример, плата земаа во Фондот за здравтсвено осигурување, сега имаше протест шест месеци за луѓето што не можат плата да земат во Фондот за здравствено осигурување.
360°: Но, прашањето беше поврзано со зголемувањето на платата.
Андоновски: И со колку пари обезбедиле. Знаете, ќе се сочииме со една сериозна ситуација, не се обезбедени доволно средства во буџетот за плати, ако не се направи овој ребаланс на буџет соодветно.

360°: Добро, овој бил изборен буџет.
Андоновски: Ама затоа средствата се користеле за договори на дело целиот изминат период.
360°: Впечатлива беше реакцијата на доскорашната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, на оваа тема. Вели – праксата на назначување директори со партиски пазарења си продолжува, само нови, а има и старо-нови се пазарџите на новите тезги, живо заинтересирани за личните и партиските интереси, е па нема напредок без професионалци. Што би рекле вие за ова?
Андоновски: Па добро, јас ќе го поздравам нејзиниот проактивен пристап, иако ми е жал што не беа толку активни, во смисла на прозивање на Артан Груби, кога им ја одзеде зградата или, пак, на прозивање на Обвинителството зашто ниеден предмет на ДКСК не беше процесуиран.
360°: Тие не се тука, ама еве јас ќе кажам во нивно име – мислам дека, сепак, беа проактивни и дека не може да им се наоѓа забелешка.
Андоновски: Беа, не можам да кажам дека не беа проактивни. Мислам дека забелешката не треба да оди толку на нивна адреса, имаа неколку чекори што беа чисто политички, се сеќавам на еден случај против претседателот Мицкоски за којшто се чекаше да завршат изборите, па потоа да го затворат правосилно со позитивно мислење. Имаа и чекори што беа за поздравување, можам да го кажам и тоа, но мислам дека не беа доволно гласни во смисла на етаблирање на нивната позиција внатре во институциите. Но, секако, поздравувам секаква критика.