Ваквата можност во петокот ја најави министерот за економија Крешник Бектеши кој рече дека доколку се утврди дека нивни цени не се намалени во однос на оние по кои овие производи се продавале на 1 март оваа година, Владата ќе донесе идентична мерка како за другите основни прехранбени производи
Анализите на Министерството за економија кои треба да покажат дали по лебот, тестенините и млечните производи ќе има замрзнување и на цените на шеќерот, јајцата и оризот се при крај, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Ваквата можност во петокот ја најави министерот за економија Крешник Бектеши кој рече дека доколку се утврди дека нивни цени не се намалени во однос на оние по кои овие производи се продавале на 1 март оваа година, Владата ќе донесе идентична мерка како за останатите основни прехранбени производи.
„Речиси се при крај, ќе почекаме да пристигнат (анализите) официјално од Министерството за економија за да ги дискутираме на Влада“,
изјави Битиќи одговарајќи на новинарско прашање по состанокот со бизнис-делегација на Источниот комитет на Германското стопанство.
Премиерот и министерот за економија во петокот на прес-конференција ја соопштија одлуката на Владата да ги замрзне цените на тестенините и на млечните производи со што тие ќе се намалат за 15, односно 10 отсто.
Одлуката ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.
Од тестенините конкретно станува збор за макароните и шпагетите, а намалувањето на нивните цени ќе биде за 8-9 денари.
Ова е второ замрзнување на цените годинава. Претходно, на владина седница на 28 февруари беше одлучено да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб со тежина од 450 грама и повеќе на максимални 33 денари. Исто така, поради тоа што претходно не ги намалија цените, беше укинато субвенционирањето односно повластената тарифа на струјата за производителите на основни прехранбени продукти.
Од основните прехранбени производи незамрзнати останаа уште цените на шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз.
„Ни останаа само шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз. Следната недела ќе се направат анализи и за овие производи и ако не ги намалат цените и таму ќе се донесат вакви одлуки“,
рече Бектеши на прес-конференцијата во петокот потенцирајќи дека не станува збор за закана, туку за одговорно однесување на Владата во време на криза.
Инаку, на производителите и увозниците на тестенини и млечни производи Владата им даде рок од речиси една недела, односно до 16 март да ги намалат цените на овие производи, согласно донесената мерка за нивно замрзнување.
Вицепремиерот за економски прашања, одговарајќи на новинарско прашање дали е забележано намалување на цените досега, изјави дека засега има мало намалување, но вели дека реакциите се позитивни и на 16 март сите ќе имаат намалени цени.
„Ние намерно дадовме временски период затоа што тоа се индустрии кои креираат одредени резерви. Ние не сакаме да нанесеме штета со воведување мерка од денеска за утре затоа што сме свесни дека одредени суровини кои производителите ги користат се со одредена цена и затоа дадовме одреден временски период од една недела за одредени резерви да ги потрошат и секако да продолжат понатаму со пониски замрзнати цени. Ние велиме дека секоја мерка што се носи се носи за доброто на граѓаните, но притоа не сакаме да нанесеме штета на никого затоа што заеднички настапуваме во периодот на криза за да излеземе од неа“,
изјави вицепремиерот за економски прашања.