Брзата анализа на „360 степени“ на фотографиите што ги сподели техничката министерка Мизрахи, како поткрепа на тврдењето дека пред иста табла во 2019 година се сликала и нејзината претходничка Царовска, покажа дека едната слика воопшто не потекнува од 2019 година, како што тврди Мизрахи, туку од 2017 г., а втората фотографија е од февруари 2019 г., но е направена во момент кога уставните измени за името сè уште не се влезени во сила
Министерката за труд и социјална политика во техничката влада, Рашела Мизрахи, доцна синоќа го обвини министерот за надворешни работи Никола Димитров дека „јавно кодоши друг министер во истата влада за покривање на сопствените пропусти“.
Реакцијата доаѓа по барањето на Димитров до премиерот на техничката влада Оливер Спасовски да предложи разрешување на Мизрахи ако таа продолжи со кршење на Уставот, како при држењето прес-конференција пред пано со старото име на државата – Република Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не ја коментираше постапката на својата сопартијка, додека министерката тврди дека нема друга табла во Министерството за труд и социјална политика освен онаа со старото уставно име.
Наместо расплет
Еден час пред полноќ, на 9 февруари (вчера), министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи ја објави својата последна реакција на осудите за нејзината одлука да одржи прес-конференција пред табла со старото уставно име на државата. Пораката на Фејсбук овој пат беше наменета за министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој во текот на денот го повика техничкиот премиер Оливер Спасовски да му предложи на Собранието да ја разреши од функцијата, ако не почне да го почитува Уставот, бидејќи ги загрозува интеграциските процеси на земјата.
Министерката вели дека нејзиниот колега изнел низа невистини кои не доликуваат на министер на сериозна држава. Мизрахи тврди дека има само една табла во нејзиното Министерство и дека на неа пишува Република Македонија.
„Во насока на вистинско информирање на јавноста, но и запознавање на јавноста за злоупотребите со користењето на алатките за лажни вести на Димитров, ја информирам јавноста дека во Министерството за труд и социјална политика има ЕДНА ЕДИНСТВЕНА табла со името на Министерството и таа воопшто не е променета со моето доаѓање. Во прилог ги доставувам и фотографиите од средбите и настапите на претходната министерка, сега актуелен вицепремиер за економски прашања Мила Царовска, која и во текот на 2019 година настапува пред табла на која и јас, Рашела Мизрахи, како техничка министерка во истото министерство продолжувам со активностите. Тоа што Царовска и нејзиниот тим, веројатно под притисок, последните неколку настапи пред официјалната табла поставувале некаков бел банер, тоа не значи дека во Министерството има две табли, особено не ‘стара’ и ‘нова’ табла“,
вели министерката Мизрахи на Фејсбук.
Во прилог на својата теза, Мизрахи сподели и неколку фотографии (за кои вели дека потекнуваат од известувања на Министерството) направени пред таблата со Република Македонија од февруари и март 2019 година, како и од обидот со бел банер таа да се сокрие.
Проверка на фактите
„360 степени“ направи брза анализа на фотографиите што ги сподели Мизрахи преку пребарувачот на фотографии на Гугл.
Едната слика во колажот погоре (горе – лево) воопшто не потекнува од 2019 година, како што тврди Мизрахи, туку од 2017 кога Мила Царовска ја презема функцијата во МТСП.

За втората фотографија (горе – десно во колажот) точно е дека е од февруари 2019 и дека на неа може да се види таблата со старото уставно име на државата. Но, „меморијата“ на Гугл покажува дека таа фотографија потекнува од 4 февруари 2019 година, што е важно ако се знае дека уставните измени за името стапија во сила речиси десет дена подоцна, на 12 февруари.
Третата и четвртата фотографија потекнуваат од јавен настап на Мила Царовска од 26 мај 2019 година.

Сликата покажува дека е точно оти Царовска држела прес-конференција со дополнително пано на кое пишува Република Северна Македонија, со цел да ја прикрие таблата со Република Македонија. Но, не е точно дека станува збор за „последните настапи“ на Царовска, како што тврди Мизрахи. Напротив, ако се следи временската линија Царовска, како и сите министри, таа го користи новото уставно име по стапувањето во сила на уставните измени.
Сумирано, точно е дека на ѕидот во просторијата за прес-конференции во Министерството за труд и социјална политика има табла со старото име на државата која не е отстранета. Но, точно е и дека откако стапиле во сила уставните измени Царовска никогаш не ја користела „старата“ табла и дека во институцијата имаат пракса на употреба на новото уставно име.
Има табла, нема табла
Времепловот во минатото, кога се во прашање прес-конференциите во Министерството за труд и социјална политика, сепак, ни откри и уште еден „агол“ на приказната. На 9 јануари 2020 година министерката Мизрахи држела прес-конференција во истата просторија во која е и таблата со Република Македонија.
Но, тогаш Мизрахи одлучила зад себе да има бел ѕид, а лево и десно од неа се државното и знамето на ЕУ. На фотографијата подолу, може да се види како ѕирка „најпопуларната“ табла во државата, делумно покриена со столови и друг канцелариски мебел.

Освен што е сè поблиску денот на изборите, засега не е јасно што друго се сменило за еден месец за министерката да инсистира зад неа да ја има таблата на која освен името на ресорот што го води го има и старото уставно име на државата – Република Македонија.