Школски пример за вешта комуникација на социјалните мрежи во регионот се службените страници во Република Северна Македонија, особено на министерот за надворешни работи Никола Димитров, се оценува во анализата на digidiplomatija.com. Мониторирани се веб-страниците на министерствата за надворешни работи, комуникацијата на официјалните канали, а најмногу дипломатското однесување (дадена е предност на промовирањето на различностите, подобра регионална соработка и вмрежување, помирувачки и дипломатски наратив, комуникација на мајчин јазик и слично). Во таа смисла, се вели во анализата, „институциите и претставниците на Северна Македонија ги користат социјалните мрежи во согласност со најдобрата дипломатска пракса“.
Во однос на профилите на МНР Димитров на социјалните мрежи, се вели:
„Пораките се креирани на начин што јасно ги прикажуваат реалните настани. Нема досадни фотографии од ракувања од официјалните приеми, нема соопштенија кои наликуваат на службени гласила, на прв поглед се гледа присуство на јасна комуникациска стратегија“.

Од регионот, во поглед на дигиталната дипломатија, најлошо рангирана е Босна и Херцеговина.

Анализирани се и квантитативните податоци за бројот на следбеници, споредено со бројот на жители. Според овој параметар, најдобро котира Косово.

Во анализата опфатени се службените профили на социјалните мрежи фејсбук, твитер, инстаграм, перископ, линкдин, снепчет и јутјуб. Анализирани се претседатели, премиери, министри за надворешни работи и истакнати лица кои практикуваат дигитална дипломатија. Изоставени се амбасадите и конзуларните претставништва поради неможноста да се утврди јасен список.
Тик Ток е вистински хит меѓу светските лидери и меѓународните организации, а голем број од нив отвориле сметки на оваа нова платформа, но политичарите од регионот се чини сè уште не го „откриле“.