Врховниот суд работи со 10 судии помалку, недостигот во Вишиот управен суд е четири судии, на Апелацискиот суд Скопје му недостигаат 36 судии, во битолската Апелација оваа бројка е седум, во Апелацискиот суд двајца, а во Апелацискиот суд Штип четворица судии, покажува анализата на Работната група на Судскиот совет, која денеска беше разгледувана на седница
На денешната седница Судскиот совет избра по тројца нови судии кои ќе ја делат правдата во Граѓанскиот и Основниот кривичен суд Скопје, а донесе и одлука за објавување оглас за избор на двајца судии на Апелацискиот суд Штип за граѓанска област
Четирите Апелациски судови во земјава во Скопје, Битола, Гостивар и Штип, како и Врховниот суд и Вишиот управен суд кубурат со судии во однос на оптималниот број што им е потребен за навремено и ажурно постапување. Ова го покажува анализата на работната група на Судскиот совет што денеска беше разгледана на 445. Седница на Советот.
Така, според неа, Врховниот суд работи со 10 судии помалку, недостигот во Вишиот управен суд е четири судии, на Апелацискиот суд Скопје му недостигаат 36 судии, во битолската Апелација оваа бројка е седум, во Апелацискиот суд двајца, а во Апелацискиот суд Штип четворица судии.
Анализата, како што беше посочено, го покажува оптималниот број на судии во секој од судовите за навремено и ажурно постапување, согласно приливот на предмети и ќе биде користена како основа при објавувањето огласи по судови низ државата.
Весна Дамева, претседателката на работната група која што ја изработи анализата за потребата на судии и судски службеници по судовите при презентацијата нагласи дека таа е изработена врз основа на мислења прибавени од сите судови, како и анализа на податоци за бројот на примени и сработени предмети во последните три години, односно за 2020, 2021 и 2022 година.
Таа потенцираше дека утврдената бројка на потребни судии е врз основа на обемот на работа, без да се земат предвид заминувањата во пензија.
- Според анализата во Врховниот суд во моментот по систематизација од 28, пополнети се 16 судиски места, од кои еден е претседател, а на еден му мирува функцијата. Оценката на работната група на Судскиот совет е дека оптимален број за навремено и ажурно постапување е 26 судии, вклучувајќи го и претседателот.
- Во Вишиот управен суд, систематизацијата предвидува 13 судиски позиции, а пополнети се осум места. Работната група смета дека оптимален број е 12 судии, вклучително и претседателот на суд.
- Во Апелационен суд Скопје, од предвидените по систематизација 52 судии, во моментот има 30, од кои на двајца им мирува судиската функција и се избрани за судии во Уставен суд. Во овој суд, од анализраните има најголема недостаток, бидејќи според работната група оптималниот број што треба да го има за навремено постапување е 66 судии.
- Во Апелационен суд Битола, од предвидените 25 по систематизација, во моментот има 13 судии, од кои еден е претседател, а на еден му мирува судиската функција. Работната група смета дека оптимален број е 20 судии, вклучувајќи го и претседателот на судот.
- Апелационен суд Гостивар, од предвидените 16 по систематизација, има 14, од кои еден е претседател, а на еден му мирува функцијата, бидејќи е избран за член на Судски совет. Работната група смета дека оптимален број е 16 судии, вклучително и претседателот.
- Апелационен суд Штип, од предвидените по систематизација 16, во моментот има осум судии. Работната група смета дека оптимален број за совладување на бројот на предмети е 12 судии, вклучително и претседателот на судот.
Членката на Судскиот совет Лорета Горгиева, посочи дека како член на работната група, барала анализата да биде вратена на доработка. Причината што таа ја наведе е дека анализата не ја одразува реалната состојба, барем не, како што нагласи, на секој од членовите на Комисијата.
„Генерално нема да изнесувам бројки, иако лично бев подготвена да го кажам на записник, за да биде на крај прифатена од сите кои сме членови. Сметам дека проекцијата на секој од нас требало да биде земена во предвид, дури и како посебно мислење во рамки на анализата, меѓутоа не и да биде игнорирано и да ти биде оневозможена работа во комисијата“,
рече Горгиева.
Според неа опструкцијата да не учествува во работата била, како што рече, да не бидат кажани некои реални параметри и тие да не бидат дел од анализата.
„Ова е проекција врз основа на параметри како статистички податоци, но што за мене еве како судија недостасува. Прво нормата по уписници треба да биде ценета во корелација со бројот на судиите и бројот на предмети за секој суд посебно, за секоја тековна година за која правиме анализа. Реалната состојба, значи тоа што ни недостасува во анализата, од кои причини барав да се врати на доработка за недела дена не за повеќе за да не се искривува вистината. Значи нормата е едно, а бројот на предмети по суд е друго. Колку судии постапувале по бројот на предметите кој конкретниот суд ги имал во работа ни покажува друга проекција“,
рече Горгиева во дискусијата по извештајот.
Дамева по ова кратко зема збор, за како што рече да појасни, и рече дека на секој член му била дадена можноста да се вклучи во работата.
„Би сакала само кратко да појаснам. На секој член му беше дадена можност бидејќи знаевте дека се работи за изготвување на судската мрежа сите да се вклучите. Јас досега како член на Комисија и како член на Судскиот совет не сум видела писмено произнесување. Тоа и едно и затоа да не се извртуваат работите и второ, еве сега го читам мислењето на Апелацискиот суд Штип, генерално се поклопуваат дадените бројки со барањата на претседателите. Јас со претседателот (на судот н.з.) на сум зборувала во четири очи, јас го гледам неговото мислење, официјално пратено до Судски совет. Се поклопува бројот на оние што се неопходни за извршувањ на функцијата“,
рече Дамева.
Нејзиниот колега Ивица Николовски посочи дека од анализата може да се види дека на сите подрачја и во сите судови има недостиг на судии.
„Дека е тоа така, ние секојдневно во нашата работа се среќаваме со поплаки за долго траење на постапки, судење во неразумен рок и застареност на предметот. Основен проблем е што ние сега сме далеку од бројката која врз основа на критериуми треба да биде исполнета за да пристапиме кон подобри резултати и поажурно судство“,
рече Николовски.
Согласно стратегијата на Судски совет, анализата треба да се користи и при изработка на нова судска мрежа на територијата на целата држава.
Судскиот совет извештајот од анализата го усвои со десет гласа „за“ и еден „против“.
На денешната седница, Судскиот совет донесе и одлука за објавување оглас за избор на двајца судии на Апелационен суд Штип за граѓанска област.
На седницата, исто така, Судскиот совет избра по тројца нови судии, кои ќе ја делат правдата во Граѓанскиот и Основниот кривичен суд Скопје.
За нови судии во Граѓански избрани се Ирена Митреска, Драгана Илиовска и Сања Томиќ-Велковски, додека во Кривичен нови судии се Лилјана Миланова, Влатко Сековски и Надица Митревски.
Сите шестмина се завршени кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители кои не беа избрани при првиот избор и беа кандидати по вториот распишан оглас.
Членот на Комисијата за избор Миљазим Мустафа, посочи дека имало седум пријави за Граѓански и пет за Кривичен суд Скопје, меѓу кои и две од кандидати кои немаат завршено обука во Академија и не исполнуваат услови.
Од останатите десет пријави, Мустафа појасни дека, сите биле навремено доставени, со комплетна документација од кандидати со завршена обука во Академијата за судии и јавни обвинители, имале положени психолошки тест и тест за интегритет, врз основа на што Комисијата направила и ранг листа.
„Кандидатите се рангирани врз основа на добиените бодови по завршување на целокупниот процес, како во Академијата за судии и извршеното интервју во Судски совет“,
посочи Мустафа, пренесе МИА.
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиевски, по изборот им честита на новоизбраните судии, посочувајќи дека од нив како нова млада генерација се очекува многу.