Експертите за оружје, кои ги анализирале проверените видеа на социјалните мрежи, велат дека Иран користел варијанти на балистичката ракета „Шахаб-3“ во последниот напад врз Израел
Што се однесува до Израел, неговата војска оперира со низа системи за одбрана од различен спектар на оружја – од бластички ракети со траектории кои ги носат надвор од атмосферата, до крстосувачки и ракети со низок лет
Иран синоќа го изврши досега најголемиот напад врз Израел истрелувајќи 180 балистички ракети, од кои повеќето, според извештаите на Израел, САД и Јордан, биле пресретнати од противракетната одбрана што ја користеле армиите на трите земји.
Воздушниот напад, кој е од многу поголем размер од оној што Техеран го изврши во април годинава, дополнително ги зголеми тензиите на Блискиот Исток, зафатен од конфликти меѓу Израел и милитантите на Хамас во Газа и Хезболах во Либан, кои ја имаат поддршката на Иран.
Анализа на Си-ен-ен, која се повикува на повеќе извори, дава преглед на иранските ракетни капацитети и одбранбените системи што ги користат израелските и другите сили во регионот.
Ракетите на Иран
Според извештајот на Проектот за ракетна закана при Центарот за стратегиски и меѓународни студии (CSIS), Техеран поседува илјадници балистички и крстаречки ракети со различни дострели, се наведува во анализата на американската телевизија.
Точните бројки за секој од типовите ракети во арсеналот на Иран се непознати. Но, според извештајот од оваа година објавен на веб-страницата „Иран воч“ на проектот „Висконсин“ за контрола на нуклеарното оружје, генералот на американските воздухопловни сили, Кенет Мекензи, лани пред Конгресот рекол дека Иран располага со над 3 000 балистички ракети.
Како што се појаснува во анализата, траекториите на балистичките ракети ги носат овие проектили надвор или во близина на границите на Земјината атмосфера, пред боевата глава да се одвои од ракетата и да се спушти назад во атмосферата кон својата цел.
Експертите за оружје, кои ги анализирале проверените видеа на социјалните мрежи, за Си-ен-ен велат дека Иран користел варијанти на балистичката ракета „Шахаб-3“ во последниот напад врз Израел.
„Шахаб-3“, се наведува, е основа за сите ирански балистички ракети со среден дострел кои користат течно гориво.
Според ЦСИС, овој тип балистички ракети Иран го ставил во употреба во 2003 година. „Шахаб-3“ може да носи боева глава од 760 до 1 200 килограми и може да биде истрелан од мобилни фрлачи, како и од ракетни силоси.
Податоците на „Иран воч“ велат дека најновите варијанти на „Шахаб-3“, ракетите „Гадр“ и „Емад“, имаат прецизност до 300 метри од нивната зададена цел.
Од друга страна, иранските медиуми објавија дека Техеран во синоќешните напади користел нова ракета „Фатах-1“, која се опишува како хиперсонична ракета, што значи дека достигнува брзина од пет маха, односно петпати поголема брзина од звукот (околу 6 100 километри на час).
Сепак, аналитичарите посочуваат дека речиси сите балистички ракети достигнуваат хиперсонична брзина за време на нивните летови, особено кога „паѓаат“ кон своите цели.
Терминот „хиперсоничен“ често се користи за високо напредни оружја што можат да маневрираат со хиперсонична брзина во атмосферата на Земјата, што ги прави исклучително тешки за соборување.
Според Фабијан Хинц, научен соработник во Меѓународниот институт за стратегиски студии, „Фатах-1“ не е ниту еден од нив.
Хинц, како што пишува Си-ен-ен во анализата, вели дека „Фатах-1“ најверојатно има боева глава со променливо маневрирање, што ѝ овозможува да прави приспособувања за избегнување на проектилите на противракетната одбрана додека се движи кон целта. Сепак, според експертот, оваа способност би била подобрување на карактеристиките на претходните ракети на Иран.
Инаку, аналитичарите беа скептични дека Иран првпат ќе ја користи новата ракета за време на вчерашните напади.
„Тоа е една од нивните најнови балистички ракети и тие можат многу да изгубат од нивната употребата“,
вели Тревор Бол, поранешен висок техничар за експлозивни направи за американската армија.
Израелската противракетна одбрана
Што се однесува до Израел, неговата војска оперира со низа системи за одбрана од различен спектар на оружја – од бластички ракети со траектории кои ги носат надвор од атмосферата, до крстосувачки и ракети со низок лет.
Најголемо внимание предизвикува израелскиот високоефективен систем „Железна купола“, кој се користи за борба против ракетни напади и артилериско оружје.
Сепак, „Железната купола“, според Организацијата за ракетна одбрана на земјата (ИМДО), е долниот сегмент на ракетната одбрана на Израел и не е системот што би се користел за борба против балистичките ракети лансирани во вторникот вечерта.
Како следно скалило во ракетната одбрана на Израел се посочува „Давидовата прачка“, која според ИНДО штити од закани со краток и среден дострел.
Инаку, „Давидовата прачка“ е заеднички проект на израелскиот напреден одбранбен систем „Рафаел“и американскиот одбранбен гигант „Рејтеон“ и користи кинетички пресретнувачи „Станер“ и „Скај кептор“ за да собори цели оддалечени околу 300 километри.
Над „Давидовата прачка“ се израелските системи „Ароу 2“ и „Ароу 3“, заеднички развиени со Соединетите Американски Држави.
Според ЦСИС, „Ароу 2“ користи фрагментирачки боеви глави за уништување на балистички ракети во нивната терминална фаза, односно додека се движат кон нивните цели, во горниот дел од атмосферата.
„Ароу 2“ има домет од околу 90 километри и максимална надморска височина од околу 52 километри и според експертите станува збор за надградба на американската ракетна одбрана „Патриот“ што Израел некогаш ја користеше во оваа улога.
Во меѓувреме, „Ароу 3“ користи технологија „удри за да убиеш“ за пресретнување на балистичките ракети во вселената, пред тие повторно да навлезат во атмосферата на пат кон своите целите.
За време на нападот во вторникот вечерта, американската војска соопшти дека истрелала најмалку 12 проектили против ирански ракети.
Одговорот на САД дојде од разурнувачите со наведувани ракети „УСС Кол“ и „УСС Булкли“ кои оперираат во источното Средоземно Море, изјави портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.
Пентагон не прецизира какви проектили за пресретнување користел, но американските разурнувачи се опремени со одбранбен систем за балистички проектили „Аегис“ (Aegis), со ракети пресретнувачи кои можат да ги погодат и уништат дојдовните балистички ракети во средна или терминална фаза од нивниот курс кон предвидената цел.
Воздухопловните сили на Јордан вчеравечер, исто така, пресретнаа ирански ракети, соопшти официјален претставник на земјата, без да наведе конкретни детали.
За време на иранскиот напад врз Израел во април, израелските и американските воени авиони соборија голем број од иранските проектили, но тогашниот напад Техеран го изврши главно со дронови чија брзина на движење е помала и се многу полесни за пресретнување од балистичките боеви глави.