За време на мандатот на новоизбраниот претседател Џо Бајден не се очекуваат значајни промени во политиката на Вашингтон кон Западен Балкан, бидејќи таа е конзистентна и долгорочна, но ќе донесе фокус на регионот и можно посилно американско влијание во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија, оценуваат за МИА поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Запрашан за тоа кои беа придобивките за Северна Македонија во геополитичка смисла за време на мандатот на Трамп, а кои би биле придобивките од мандатот на Бајден, Филипов нагласува дека земјава направи два значајни чекора во однос на стратешките цели – интеграцијата во НАТО и ЕУ.
„За време на мандатот на претседателот Трамп, додека тој ги спроведуваше точките од програмата со која го освои мандатот пред четири години заснован на слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“, посветени најмногу на внатрешните прилики во САД, Република Македонија направи два значајни чекори во нејзиното приближување кон евроатлантските интеграции. Во август 2017 таа потпиша Договор за добрососедство со Република Бугарија, а во јуни 2018 потпиша Договор за разрешување на одредени спорни прашања со Република Грција. Двата Договора овозможија членство на Република Северна Македонија во НАТО, како 30-та членка на Алијансата и го отворија патот за отпочнување на преговори со Европската Унија, кои би требало да отпочнат до крајот на оваа година. Ваквиот развој на настаните, што се смета за успех делумно се должи и на дипломатската активност на САД, која во билатерална смисла се заокружи со посетата на државниот секретар на САД, Мајк Помпео на РС Македонија“,
потсетува Филипов.
Тој смета дека политиката на Вашингтон кон регионот е конзистентна и дека нема да дојде до некои значајни промени за време на мандатот на новоизбраниот претседател, но можно е посилно влијание во однос на нашиот евроинтегртациски пат.
„Она што не меѓународно ниво веднаш би се почувствувало е враќањето на САД во СЗО и Парискиот договор за заштита на климата, како и поголемо влијание на САД во Обединетите нации, како нивен најголем финансиер и инфлуенсер во донесување на одлуките во специјализираните агенции на ОН. Втор значаен момент е очекувано значајно затоплување на економските и политичките односи на САД со ЕУ и САД-Германија, односно Франција. Можно е и да дојде до посилно влијание на САД во евро-приближувањето на Северна Македонија во смисла на принципиелно повикување на земјите да си останат на ставовите што ги потпишале и ветиле во Договорите за добрососедство и Договорот од Преспа, како и евентуален повик за одржување на динамиката на обврските во период што следи по потпишувањето – зајакнување на политичката, економската и образовно-културната соработка меѓу потписничките“,
наведува Филипов.
За Муслиу американската политика кон Македонија во суштина не се менува независно кој е станарот во Белата Куќа. Ние сме, вели, нивни стратегиски партнер, а тие водат долгорочни политики. Сепак, Муслиу очекува поголем фокус во политиките во регионот.
„Реално за време на претседателствувањето на Трамп, Македонија не беше во фокусот на неговата администрација, па дури во одреден период имавме двоумење кај претставниците од тогашната администрација за улогата во Македонија во 2015-2016 година, но излезе дека нивната улога не била како што мислеа некои, така што мислам дека со новата администрација раководена од Бајден во секој случај може да сметаме на тоа дека ќе бидеме повеќе во фокусот. Сепак станува збор за потрадиционален политичар кој е веќе 50 години во администрацијата. Првпат е избран за сенатор во 1978 година и подолг период ја раководел Сенатската комисија за надворешна политика. Можам да кажам дека голем број политичари на Балканот Бајден ги знае и лично и по име, така што нема да му треба долго време нему и на неговата администрација да се запознае со фактичката ситуација во Македонија што за нас е предност“,
смета Муслиу.
И Филипов и Муслиу го делат ставот дека Бајден е победник на изборите според освоените електорски гласови и покрај најавената правна битка од страна на Трамп за изборниот процес.
За критиките во јавноста дека нема видлив ангажман од САД во однос на спорот со Бугарија и дали може да се очекува нивна поголема инволвираност во овој процес, доколку Софија го искористи правото на вето и ја блокира Северна Македонија на патот кон ЕУ, Филипов смета дека критиките се само делумно оправдани, имајќи ја предвид состојбата во САД – голем број заболени и починати од Ковид-19, изборна кампања, избори и пребројување на гласови, што во САД трае многу долго во однос на која било земја во Европа.
Муслиу, пак, е оптимист дека нема да дојде до бугарско вето на евроинтеграцискиот пат на земјава, но доколку се случи, очекува поголем ангажман за надминување на разликите од новата американска администрација предводена од Бајден.