Според списокот што е утврден на седница на Централниот одбор, меѓу кандидатите се и двајца од пратениците што гласаа за уставните измени, а кои во 2016 година беа избрани од листа на ВМРО-ДПМНЕ: Минов и Рамчиловиќ
Никола Димитров е единствено ново име на чело на листите на СДСМ, во споредба со листите на сега владејачката партија од претходните избори – во 2016 година. Другите четворица носители кандидирани од СДСМ се на истите позиции како и на изборите пред три и пол години: Оливер Спасовски во „двојката“, Љупчо Николовски во третата ИЕ, Зоран Заев во четвртата ИЕ и Радмила Шекеринска во „петката“.
Новина е и вклучувањето на лидерот на Беса Билал Касами како носител на листата на колаицијата на СДСМ во шестата изборна единица, за разлика од минатите избори кога таму носител на партиската листа беше сегашниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов. Касами и тогаш беше носител на листа во „шестката“, со таа разлика што Беса настапуваше самостојно на првите избори по формирањето на партијата.
Димитров овој пат ја доби позицијата што во 2016 година на листите на СДСМ ја имаше сегашниот шеф на државата Стево Пендаровски. Тогаш СДСМ, според бројот на освоени мандати, имаше најдобар резултат токму во првата ИЕ, а најслабо помина во „тројката“.
Од аспект на новите имиња на кандидатските листи, на вторите позиции распоредот е пола – пола. За разлика од Јагода Шахпаска, Соња Мираковска (НСДП) и Јован Митревски, досегашниот координатор на пратеничката група на СДСМ, кои беа пратеници и во овој собраниски состав, а сега се второрангирани во третата, четвртата и во петтата ИЕ, во другите три ИЕ има кандидатки кои досега не беа дел од законодавната власт. Мила Царовска во „единицата“ и Сања Лукаревска во „двојката“, сепак, се меѓу најекспонираните лица на СДСМ, првата како доскорешна министерка за труд и социјална политика, сега вицепремиерка, а втората како директорка на УЈП. Царовска и Спасовски се единствени од потпретседателите на СДСМ кои се дел од т.н. машко-женски тандеми на чело на листите.
„360 степени“ ги објави листите на СДСМ до 11. место, што попладнево беа утврдени на седница на Централниот одбор. Според тој список, другите двајца потпретседатели на СДСМ, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири, се треторангирани во првата и во втората ИЕ. Во првата ИЕ се оставени три места во првата „десетка“ за коалициските партнери на СДСМ. Едното од нив веројатно е за Беса, а другото за Горан Мисовски од НСДП, досегашен потпретседател на парламентот. Претседателката на Форумот на жени, Снежана Калевска Ванчева, е рангирана дури на 10. позиција, а по неа е претседателот на СДММ, Дарко Каевски.

На листите на СДСМ за престојните избори нема некои поголеми изненадувања, со оглед на тоа што голем дел од имињата во првата половина од листите се релативно непознати за пошироката јавност. Сепак, може да се посочат неколку исклучоци. Неочекувано е, на пример, тоа што на првите 10.позиции на листите не фигурира министерот за здравство Венко Филипче, кој се споменуваше и како можен носител на листа. Исклучок е и второрангираната кандидатка во шестатат ИЕ Фаница Николовска од Тетово, која е релативно непозната на политичката сцена, а која на овие избори, практично, ќе треба да настапува во тандем со лидерот на Беса Билал Касами. Во втората ИЕ, пак, е кандидирана на осмо место дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, која претходно беше шефица на кабинетот на Спасовски во МВР.
Можеби најголемо изненадување е високата позиција што ја доби досегашниот пратеник на ГРОМ Панчо Минов на лисатата на СДСМ во четвртата ИЕ. Минов, кој влезе во парламентот од листа на ВМРО-ДПМНЕ, ја напушти пратеничката група на оваа партија пред да гласа за прогласување на уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор, кога го обезбеди единствениот глас плус над потребното двотретинско мнозинство. Минов гласаше и за Законот за јавното обвинителство, иако, како што објавивме тогаш, неговиот глас бил неизвесен до последен момент. Тогаш најверојатно паднал договорот на претстојните избори Минов да настапува како петторангиран во изборната единица каде што е носител Заев.

На листа на СДСМ е и Зекир Рамчиловиќ, кој беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ кога гласаше за отворање на постапката за донесување на уставните измени, заедно со уште седуммина пратеници од опозицискиот табор. Пред неколку месеци Рамчиловиќ ја напушти независната пратенилка група на ВМРО-ДПМНЕ, по што беше избран за потпретседател на парламентот. Тој е на 10. место во третата ИЕ.