Сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана Камчев, која беше еден од клучните сведоци во случајот „Рекет“ на обвинителката Вилма Русковска, утрово влезе во судската сала каде што треба да биде соопштена пресудата за Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.
Седната во последниот ред од големата сала во Врховниот суд, придружувана од адвокат на семејство Камчеви, таа како и многубројните новинарски екипи очекува да започне изрекувањето на пресудата.
Во судот пристигнаа и обвинителката Вилма Русковска, адвокатите на обвинетите, а од затворот во Шутка беше спроведен и Бојан Јовановски-Боки 13.
Катица Јанева, пак, најверојатно нема да биде спроведена, нешто на што таа има законско право при изрекување на пресуда.
Изрекувањето ќе се случи во големата сала на Врховниот суд поради големиот интерес на јавноста и медиумските екипи, како и поради ситуација со коронавирусот.